Сексуални помагала, козметика, перници за масажа и скриени експлозиви. Три пратки со оваа необична содржина детонираа минатото лето во курирски магацини во Велика Британија, Германија и Полска, сите укажувајќи на софистицирана саботажа предводена од руското разузнавање, откри Ројтерс, повикувајќи се на извор близок до полската истрага.
Иако експлозиите предизвикаа пожари, нема повредени. Но, според европските безбедносни служби, тоа е „пробна верзија“ за нешто многу полошо, а тоа е посериозен напад – потенцијална експлозија на пратки во товарни авиони на пат кон САД и Канада.
Пакетите содржеле перници и шишиња кои личат на козметика и сексуални помагала, но се покажало дека криеле импровизирани запаливи направи направени од хемикалии како што се високо реактивен магнезиум и нитрометан. Детонаторите беа направени од евтини кинески електронски уреди, како оние што се користат за пронаоѓање на изгубени клучеви, а се активираа со претходно поставени тајмери.
„Станува збор за криминални дејствија кои се инспирирани од руската воена разузнавачка служба ГРУ“, изјави извор близок до полската истрага. Полските обвинители открија и четврта пратка која не експлодирала, што им овозможило да ја анализираат содржината и да откријат детали.
Главната оперативна улога, тврдат истражителите, ја имал 27-годишниот украински државјанин Владислав Деркавец, кој живеел во Катовице во јужна Полска. Тој на 18 јули со својата „опел астра“ преминал во Литванија, каде од багажникот на паркиран автомобил во Каунас извадил неколку предмети, а потоа отишол во Вилнус и спакувал четири пратки.
Секој од нив содржел перница, шишиња и секс играчки, а пред затворањето активирал тајмери. Потоа ги предал пакетите на маж во паркот кој го користел кодното име „Мери“. Следниот ден, пакетите беа испратени од Вилнус до дестинации во Велика Британија, Германија и Полска, каде што експлодираа помеѓу 19 и 21 јули.
Деркавец беше уапсен во Полска на почетокот на август и обвинет за извршување терористички акти за руското разузнавање. На истражителите им рекол дека со лице под кодно име „Воин“ го поврзувал пријател и дека комуницирале исклучиво преку апликацијата Телеграм.
Друг осомничен, 44-годишниот руски државјанин Александар Безрукави од Ростов на Дон, исто така, наводно, бил дел од истата ќелија. Неговата улога беше логистичка – тој договори пакети со патики и облека да бидат испорачани од Варшава во Вашингтон и Отава за да се соберат информации за процедурите за обработка на пакетите и времето на испорака. Целта, тврдат обвинителите, била да се подготват за идни напади на карго летови за Северна Америка.
Безрукави беше уапсен во Босна и Херцеговина, каде во јануари беше екстрадиран во Полска. На рочиштето во Сараево тој негираше каква било поврзаност со планот или сознанија на други осомничени.
Руските власти ги отфрлија сите обвинувања. „Немаме информации за ова“, изјави за Ројтерс портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков. „Не ја исклучуваме можноста дека ова е уште една лажна вест или манифестација на слепо русофобично расположение.
Но, европските експерти за безбедност предупредуваат дека ваквите активности се зачестени од почетокот на руската инвазија на Украина. „Со војната во Украина, овие видови напади се интензивираа – тие станаа почести и поагресивни“, рече Нику Попеску, поранешен министер за надворешни работи на Молдавија и актуелен аналитичар во Европскиот совет за надворешни односи.
Јарослав Стелмах, поранешен експерт за отстранување експлозиви, предупредува дека таквите направи се евтини, тешко се забележуваат и лесно достапни. „Тоа е исклучително евтин, многу ефикасен и многу анонимен начин за производство на експлозивни направи“, рече тој.
Истрагата сè уште е во тек, а Владислав Деркавец и Александар Безрукавји се во притвор и чекаат понатамошна постапка. Обвинителството соопшти дека и двајцата ги негирале обвинувањата и дале опширни објаснувања, но содржината на тие изјави не била објавена поради доверливост на истрагата.