Помошникот на рускиот претседател Владимир Путин за меѓународни прашања, Јуриј Ушаков, денеска изјави дека предложениот 30-дневен прекин на огнот „не е ништо повеќе од привремен одмор за украинската армија“.
„Русија бара долгорочно мирно решение за конфликтот во Украина што ќе ги земе предвид интересите и грижите на Москва“, рече Ушаков, пренесува руската новинска агенција РИА Новости.
Тој нагласи дека американските претставници разбираат дека во контекст на мирно решение не може да се зборува за членство на Украина во НАТО и додаде дека е во постојан телефонски контакт со американскиот колега Мајк Волц.
Според агенцијата, Ушаков не ја исклучил можноста Путин во текот на денот да даде поконкретни оценки за предлогот за привремен прекин на огнот во Украина.
Претходно денеска, Ројтерс објави дека Русија им претставила на САД список со барања за договор за ставање крај на војната со Украина и ресетирање на односите со Вашингтон.
Два неименувани извори ги опишаа условите на Кремљ како широки и слични на барањата што Русија претходно ги постави кон Украина, САД и НАТО.