Русија ќе го смета секој напад со ракети „Таурус“ за директно учество на Германија во конфликтот

561
Фото:википедија/The Orbital ATK Minotaur-C rocket, carrying 10 small satellites owned by Planet, launched from Space Launch Complex 576-E here Tuesday, Oct. 31, at 2:37 p.m. PDT. (U.S. Air Force photo by Senior Airman Ian Dudley/Released)

Руските власти денеска соопштија дека секој напад врз руски цели со германски ракети Таурус ќе го сметаат за „директно учество“ на Германија во конфликтот во Украина, бидејќи Берлин размислува за таква испорака на оружје за Киев, пренесуваат агенциите.

„Нападот со овие проектили врз руски објекти ќе се смета за директно учество на Германија во непријателствата заедно со украинскиот режим, со сите последици што тоа ги носи“, предупреди портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, пренесоа руските агенции.

Според неа, истрелувањето на овие крстосувачки ракети е невозможно без директна помош на Бундесверот, германската армија.

Кремљ веќе во понеделникот го осуди ризикот од ескалација доколку Германија и испорача ракети Таурус на Украина.

Идниот германски канцелар Фридрих Мерц рече дека е отворен за тоа во случај на договор со Европејците, нешто што неговиот претходник Олаф Шолц одби да го направи.

Русија веќе им се закануваше на западните земји кога американските ATACMS и британските ракети „Сторм“ беа испорачани на Украина.

Кога Украина го употреби оружјето против руска територија, Москва одговори со истрелување на нова експериментална хиперсонична ракета, Орешник, врз голема украинска воена фабрика.

Русија се закани дека повторно ќе употреби таков проектил.

ИЗДВОЕНИ