Русија лансираше околу 120 проектили и 90 беспилотни летала во „масивен“ комбиниран воздушен напад врз енергетската инфраструктура на Украина, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, а украинската војска соопшти дека соборила 102 проектили и 42 беспилотни летала.
„Целта на непријателот беше нашата енергетска инфраструктура низ Украина. За жал, објектите беа оштетени од нападот и паѓањето на остатоците“, рече тој во изјавата објавена на социјалните мрежи.
Во руски воздушен напад рано наутро „сериозно е оштетена“ опремата во термоелектраните на ДТЕК, најголемата енергетска компанија во земјата, објави компанијата.
„Тешка штета на енергетскиот систем на Украина, вклучително и електраните ДТЕК. Овие напади повторно ја нагласуваат потребата на Украина од дополнителни системи за противвоздушна одбрана од нашите сојузници“, рече Максим Тимченко, извршен директор на ДТЕК, кој е најголемиот приватен снабдувач со енергија во Украина.
ДТЕК во соопштение на социјалните мрежи соопшти дека неговите вработени ја поправаат опремата, но не е прецизирано што точно е засегнато.
Украинските власти потврдија оштетување на „клучната инфраструктура“ и пријавија прекини на струја во регионите што се протегаат од Волин, Ривне, Лавов на запад до југоисточните региони на Днепропетровск и Запорожје. ДТЕК воведе вонредни прекини на струја во јужниот регион Одеса, како што наложија енергетските власти.
Руските новински агенции, повикувајќи се на Министерството за одбрана, објавија дека руските сили извршиле масовен напад врз енергетските капацитети кои го снабдуваат украинскиот воено-индустриски комплекс. Агенциите додаваат дека е погоден и украинскиот воен аеродром.
Украинците со недели се подготвуваат за голем напад врз осакатениот електроенергетски систем, плашејќи се дека позначајно оштетување на мрежата ќе значат долги прекини на електричната енергија и ќе создадат психолошки притисок во клучниот момент во војната што Русија ја започна во февруари 2022 година.