Русија, која го наследи нуклеарното оружје на Советскиот Сојуз, има најголеми резерви на нуклеарни боеви глави во светот. Прашан дали некогаш размислувал да употреби нуклеарно оружје на бојното поле во Украина, Путин одговори дека нема потреба за тоа, но изрази уверување дека Москва ќе ги постигне своите цели во Украина и ја остави отворена вратата за разговори, нагласувајќи дека за секој договор ќе бидат потребни цврсти гаранции од Западот
Русија останува во состојба на борбена готовност и е целосно подготвена за нуклеарна војна, доколку постои закана за руската државност, суверенитет или независност, изјави рускиот претседател Владимир Путин. Тој додава дека се надева оти Соединетите Американски Држави ќе се воздржат од дејства што би можеле да предизвикаат нуклеарен конфликт, пренесува Асошиејтед прес.
-Но, во моментов не брзаме со тоа, рече Путин.
Во интервју за руската државна телевизија тој го опиша американскиот претседател Џо Бајден како политичар ветеран што целосно ги разбира потенцијалните опасности од ескалација и рече дека не мисли дека светот оди кон нуклеарна војна.
Истовремено, тој посочи дека руските нуклеарни сили се во целосна готовност и дека „од воено-техничка гледна точка се подготвени“.
Рускиот лидер во неколку наврати зборуваше за својата спремност да употреби нуклеарно оружје од почетокот на инвазијата на Украина во февруари 2022 година, потсетува АП.
Прашан во едно интервју дали некогаш размислувал да употреби нуклеарно оружје на бојното поле во Украина, Путин одговори дека нема потреба за тоа.
Тој, исто така, изрази уверување дека Москва ќе ги постигне своите цели во Украина и ја остави отворена вратата за разговори, нагласувајќи дека за секој договор ќе бидат потребни цврсти гаранции од Западот.
Инаку, Русија, која го наследи нуклеарното оружје на Советскиот Сојуз, има најголеми резерви на нуклеарни боеви глави во светот. Како што пренесува Ројтерс, според Федерацијата на американските научници (ФАС),рускиот претседател има директна контрола над околу 5.580 нуклеарни боеви глави. ФАС тврди дека од нив, околу 1.200 се деактивирани, но главно се недопрени, а околу 4.380 се складирани за употреба на стратешки фрлачи со долг и среден дострел.
Од складираните, 1.710 стратешки боеви глави се распореден така што околу 870 се за копнени балистички ракети, околу 640 за балистички ракети лансирани од подморница, а околу 200 веројатно се наменети за употреба од тешки бомбардери, објави ФАС.
Овие бројки значат дека Москва има моќ да го уништи светот повеќе од еднаш.
За време на Студената војна, Советскиот Сојуз имаше околу 40.000 нуклеарни боеви глави, додека САД имаа околу 30.000.
Руската нуклеарна доктрина објавена во 2020 година ги објасни условите под кои рускиот претседател би размислувал за користење нуклеарно оружје. Тоа би било како одговор на напад со нуклеарно или друго оружје за масовно уништување или на употреба на конвенционално оружје против Русија, ако постоењето на државата би било загрозено.
Лани Путин потпиша закон за повлекување на руската ратификација на Договорот за сеопфатна забрана на нуклеарни тестови (ЦТБТ), но по распадот на Советскиот Сојуз, Русија не изврши ниту еден нуклеарен тест.