Русија е подготвена да им понуди на САД и Иран помош во градењето на конструктивен дијалог за нуклеарната програма, изјави денеска рускиот заменик министер за надворешни работи Сергеј Рјабков.
„Додека се уште има време и „возот не ја напуштил станицата“, мораме да ги удвоиме нашите напори за да се обидеме да постигнеме договор на разумна основа. Русија е подготвена да ги понуди своите услуги на Вашингтон, Техеран и на секој што е заинтересиран“, рече Рјабков во интервју за списанието „Интернационал аферс“.
Тој ги нарече „несоодветни“ заканите на американските власти за употреба на сила против Иран доколку Техеран одбие да се согласи со нуклеарниот договор.
„Навистина се слушаат закани, се слушаат и ултиматуми. Сметаме дека таквите методи се несоодветни, ги осудуваме, веруваме дека тоа е начин да се наметне сопствената волја на иранската страна“, нагласи Рјабков.
Како што оцени, ваквиот пристап дополнително ќе ја усложни ситуацијата, која „ќе бара многукратно поголеми напори во иднина во смисла на нивелирање на опасноста од уште еден извор на тензии и, не дај Боже, отворен конфликт на Блискиот Исток, каде што тој конфликт е веќе интензивен“.