Зборувајќи со новинарите, Трамп по состанокот во Ријад ги отфрли поплаките дека на Киев му е скратено место во преговорите за ставање крај на руската војна во Украина и ја обвини Украина дека ја почнала војната. Рече и дека рејтингот на Зеленски е само четири проценти, на што украинскиот претседател му одговори дека живее во балон од дезинформации што ги шири Русија. Вчера во Киев пристигна американскиот специјален пратеник за Украина и Русија, Кит Келог, кој посетата ја оценки како шанса за добри, значајни разговори. Кремљ соопшти дека средба Трамп-Путин е можна до крајот на месецов
Ден по американско-руската средба во Саудиска Арабија и изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека Украина е виновна за војната, американскиот специјален пратеник за Украина и Русија, Кит Келог, пристигна во Киев на разговори со претседателот Володимир Зеленски и воените команданти. Со своите први изјави тој се обиде да ја „омекне“ ситуацијата.
-Ја разбираме потребата од безбедносни гаранции. Многу ни е јасно колку е важен суверенитетот на оваа нација и независноста на оваа нација, рече Келог во коментарот што го пренесе украинскиот јавен радиодифузен сервис „Суспилне новини“ по неговото пристигнување на железничката станица во Киев.
Тој додаде дека дел од неговата мисија е да седи и да слуша и дека на Трамп и на државниот секретар Марко Рубио ќе им го пренесе она што го научил за „да се осигури дека ќе го направиме тоа правилно“.
Следната недела војната во Украина влегува во својата четврта година, а посетата на пензионираниот генерал Келог, која тој ја окарактеризира како „шанса за добри, значајни разговори“, останува во сенката на изјавата на Трамп која ги вознемири украинските власти.
Во вторникот, по состанокот на американско-руските делегации предводени од Марко Рубио и Сергеј Лавров, што предизвика длабоки фрустрации кај лидерите на ЕУ и на Украина, кои не беа поканети, Трамп пушти уште еден ладен туш. Зборувајќи со новинарите тој ги отфрли поплаките дека на Киев му се ускратува место во преговорите за ставање крај на руската војна во Украина и ја обвини Украина дека ја почнала војната.
– Многу сум разочаран. Слушам дека се вознемирени поради тоа што немаат место (во преговорите), па тие имаа столче три години и долго пред тоа. Денеска слушнав: „Оу, ние не бевме поканети“. Добро, вие сте таму три години. Никогаш не требаше да го започнете тоа (војната). Можевте да постигнете договор. Јас би можел да постигнам договор за Украина, изјави Трамп на прес-конференција на неговиот имот Мар-а-Лаго во Палм Бич, Флорида.
Тој рече дека е „многу посигурен“ за постигнување договор по разговорите во Ријад, предводени од американскиот државен секретар Марко Рубио и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
-Тие беа многу добри. Русија сака да направи нешто, тие сакаат да го запрат дивјачкото варварство, рече Трамп.
Прашан дали неговата администрација ќе ги поддржи руските повици за избори во Украина како дел од каков било мировен договор, Трамп рече дека Зеленски има рејтинг од само четири проценти и истакна дека изборите во земјата се прекинати поради вонредната состојба.
Ова сериозно го налути украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој одржа итна прес-конференција на која рече дека Трамп живее во балон од дезинформации, критикувајќи ја Русија за големо количество дезинформации, вклучувајќи го и тоа за неговиот рејтинг што се раширил во САД.
– Никогаш не коментирам за рејтингот на популарноста, особено не за мојот или за оние на другите лидери. Но, според последната анкета 58 отсто од Украинците ми веруваат. Значи, ако некој сака да ме замени сега, нема да успее, рече тој и додаде дека ќе размисли за собирање повеќе податоци за довербата кај клучните светски лидери за да се спротивстави на руските дезинформации.
Зеленски ја обвини американската администрација дека му помага на Путин да излезе од изолација и додаде дека разговарал со европските сојузници за финансирање на украинската војска.
-Мислам дека ЕУ е подготвена за овие разговори, рече тој и посочи дека ќе мора да работи и на алтернативи.
Тој го повика Келог да ја искористи посетата на Киев за да прошета низ улиците и да ја види реалната ситуација во Украина.
-Сакам самиот да види и да разговара со луѓето, да ги праша дали му веруваат на својот претседател, дали му веруваат на Путин. Нека ги праша за Трамп, што мислат тие по неговите коментари, рече Зеленски.
Тој додаде дека е подготвен заедно со Келог да оди на фронтот за тој лично да разговара со украинските војници, но рече и дека Украина ќе биде подготвена да купи оружје од САД. На прашањето кои би биле најдобрите безбедносни гаранции за Украина рече дека тоа е НАТО.
Лути на средбата во Саудиска Арабија, земјите членки на ЕУ денеска договорија нова, 16. рунда санкции кон Русија, за да го задржат притисокот, пренесе АФП. По вчерашниот состанок во Париз европските лидери денеска одржаа уште еден, но со присуство и на претставник на Канада.
Кремљ соопшти дека средбата меѓу Трамп и Путин може да се случи до крајот на месецов. По средбата во Ријад, шефот на руската дипломатија Лавров се пофали дека односите со Вашингтон почнале да се нормализираат, а дека главен фокус за Москва е да се отстрани заканата Украина да се најде во НАТО.