Русија гледа мали шанси за постигнување договор со Доналд Трамп, но Москва веќе се подготвува за идни разговори меѓу претседателот Владимир Путин и новиот американски претседател, изјави во средата рускиот дипломат задолжен за односите со САД.
Во своето инаугуративно обраќање, Трамп рече дека Бог го спасил од куршум на атентатор во јуни за да „ја направи Америка повторно голема“ и вети дека ќе ги направи Соединетите држави „далеку поизвонредни од кога било досега“.
Откако ја презеде функцијата, Трамп изјави дека сака да стави крај на војната во Украина и навести дека би можел да воведе санкции против Русија доколку Путин одбие да преговара за крај на војната во Украина, пренесува Ројтерс.
Рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков, кој ги надгледува односите со САД и контролата на вооружувањето, во престижниот руски институт за американски и канадски студии рече дека има шанса, но таа е многу мала.
„Во споредба со безнадежноста во секој аспект на претходниот шеф на Белата куќа (претседателот Џо Бајден), денес постои прозорец на можности, иако мал“, изјави Рјабков на Институтот за американски и канадски студии во Москва.
„Затоа е важно да се разбере со кого и на кој начин ќе имаме работа, како најдобро да изградиме односи со Вашингтон, како максимално да ги искористиме можностите и да ги минимизираме ризиците“, рече Рјабков, цитиран од новинската агенција Интерфакс.
Путин повеќе пати изјавуваше дека е подготвен да преговара за крај на војната во Украина, но дека сегашната контрола на Русија над 20 отсто од украинската територија ќе мора да се прифати и дека Украина мора да остане неутрална.
Подоцна, Рјабков за државната новинска агенција ТАСС изјави дека Русија се подготвува за контакти меѓу Путин и Трамп, но дека сè уште ништо не е договорено.