Американскиот претседател Доналд Трамп им понуди на САД одговорност за обнова на Појасот Газа, изјави денеска американскиот државен секретар Марко Рубио на прес-конференција во Гватемала Сити.
Според него, „тоа е уникатна понуда за САД да интервенираат и да ги исчистат урнатините и трагите на уништување во Газа“, додавајќи дека луѓето ќе мора да живеат некаде додека Газа се обновува, пренесува Ројтерс.
Рубио нагласи дека понудата на Трамп не била наменета како непријателски потег и додаде дека допрва ќе треба да се разрешат деталите.
Тој исто така рече дека целта на планот на Трамп за Газа е „да се постигне траен мир за сите луѓе во регионот“.
Во својата објава на платформата Х, тој рече дека Газа мора да биде ослободена од Хамас и дека САД ќе се погрижат да ја „направат Газа подобра“, претходно објави Фокс њуз.
Портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, претходно денеска изјави дека Трамп, како дел од неговиот предлог за преземање на Појасот Газа, не се обврзал да испраќа американски војници во енклавата и дека американскиот претседател сака Палестинците кои живеат во Газа да бидат „привремено преместени“ за да може енклавата повторно да се изгради.
Трамп во вторникот изјави дека САД ќе го „преземат“ Појасот Газа, опишувајќи ја неговата визија за областа како „Ривиера на Блискиот Исток“.
„САД ќе го преземат Појасот Газа и ние ќе направиме се што треба да се направи“, рече Трамп на заедничката прес-конференција со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, објави претходно Си-Ен-Ен.
Американскиот претседател не ја исклучи можноста за испраќање американски војници за обезбедување безбедност, нагласувајќи дека САД ќе ги преземат сите неопходни чекори за стабилизирање на регионот.
Трамп го повтори својот предлог за трајно раселување на Палестинците, нагласувајќи дека тие треба да се преселат во други арапски земји, како Јордан и Египет, бидејќи Газа во моментов е „само урнатини“.
Планот на Трамп наиде на остри критики, особено од Хамас, кој ги обвини САД дека се обидуваат да ги протераат Палестинците од нивната територија, пренесува Танјуг.