Рубио: „На Русија и истекува времето“

558
EPA-EFE/Sean Gallup

Американскиот државен секретар Марко Рубио објави дека оваа недела се сретнал со пратеникот на рускиот претседател Владимир Путин на кого му испратил порака дека „на Русија и истекува времето“, пишува „Си-Ен-Ен“. Во петокот тој објави нови детали од преговорите за ставање крај на војната во Украина.

„Тоа време доаѓа и тоа е прилично кратко. Соединетите Американски Држави сакаат да видат конкретни чекори и во одреден момент ќе биде јасно дали Русија сака мир или не. Ова не е закана, туку начин на размислување на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп“, рече Рубио.

Претседателот на Украина Володимир Зеленски и некои европски лидери веруваат дека Русија намерно ги одложува преговорите. Претставникот на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, смета дека Владимир Путин навистина сака да постигне мировен договор.

„Се разбира, Русија сака мир. Со услови кои им одговараат. Според условите на Москва“, рече висок претставник на НАТО на маргините на состаноците во Брисел на кои присуствуваше и Рубио.

Рубио во два наврати беше во Саудиска Арабија на преговори со руската и украинската делегација за крајот на војната во Украина. Досега е постигнат привремен прекин на огнот, пред се во Црното Море и договорено е да не се напаѓа енергетската инфраструктура.

ИЗДВОЕНИ