Рубио и Лавров на мировни преговори во Ријад, европските лидери во Париз на договор како да фатат место на преговарачката маса

293

Aмерикански и руски претставници неделава во Саудиска Арабија треба да ги почнат мировните преговори за Украина но без учество на Украина и европските земји.

Американската делегација, предводена од државниот секретар Марко Рубио, денеска пристигна во саудиската престолнина Ријад, чекајќи го пристигнувањето на руската делегација, предводена од министерот за надворешни Сергеј Лавров и советникот на Путин, Јуриј Ушаков. Претставник на Украина нема, иако американскиот претседател Доналд Трам рече дека е поканет. Тоа го негира украинскиот претседател Володимир Зеленски, посочувајќи дека има недоверба во намерите на Русија и предупредувајќи на малите шанси за опстанок на Украина без континуирана американска воена поддршка.

– Нема да учествуваме затоа што не знаевме ништо за тоа. Сметаме дека сите преговори за Украина без Украина се преговори без резултати и не можеме да признаеме какви било договори што се однесуваат на нас во кои не учествувавме, рече Зеленски, пренесе Ројтерс.

Сепак, тој посочи дека в среда ќе оди во Саудиска Арабија „како дел од официјалната посета“.

Американско-руските преговори, кои ги исклучија европските партнери и Украина од процесот предизвика загриженост кај европските лидери, па францускиот претседател Емануел Макрон, денеска ги собра на итен состанок во Париз за да ја координираат нивната позиција за мировните преговори за Украина. На состанокот присуствуваат лидерите на Германија, Италија, Полска, Шпанија, Холандија, Данска и Велика Британија, како и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и генералниот секретар на НАТО Марк Руте. Нивна цел е да најдат начин да го убедат Трамп дека европските држави се  политички, финансиски и воено доволно моќни за да не бидат заобиколени во преговорите за Украина.

Британија, Германија и Шведска најавија дека се подготвени да испратат војска во мировна мисија во Украина. Полска најави дека нема да испраќа војска, но дека ќе продолжи да го поддржува Киев како досега, а Унгарија обвини дека со состанокот во Париз европските лидери спречуваат мировен договор за Украина.

Трамп, пак, најави дека многу скоро ќе се сретне со Путин, за кој е убеден дека исто како и Зеленски сака крај на војната.

-Заедничките вредности веќе не се толку заеднички, со солзи во очите ја протолкува ситуацијата на растечки поделби меѓу Европа и САД претседавачот на Минхенската безбедносна конференција Кристоф Хеусген.

ИЗДВОЕНИ