
Дали знаевте дека швајцарскиот тенисер Роже Федерер, кој има најмногу награди за фер-плеј во историјата на тенисот, практично наместил натпревар на 17-годишна возраст? Го казниле со само 100 долари и долго време го криеле тоа.
Тој се појави на големата сцена во 1998 година и веднаш се знаеше дека ќе биде одличен тенисер. Доминираше на сите јуниорски турнири, веќе беше ангажиран од компанијата „Најк“, која правеше кампањи со него во главната улога, а потоа еден од неговите први натпревари беше во родниот Базел, против Андре Агаси.
Иако Федерер го загуби тој натпревар (6:3, 6:2), Агаси го пофали на сите ѕвона. Нивниот натпревар привлече околу 9.000 гледачи и само чекавме да видиме што ќе направи следно талентот од Швајцарија. Сепак, место на голем турнир, тој вети дека ќе се појави во швајцарскиот Киблис, каде што беше далеку од гламурозниот свет во кој влезе. За тоа колку недобро играше таму најдобро сведочи информацијата дека практично го наместил натпреварот и намерно загубил.
Долго време била чувана во тајност, но еден познат швајцарски новинар ја раскажа оваа приказна во биографијата за Федерер наречена „Потрагата по совршенство“, која беше објавена во 2007 година. Значи, дамката на Федерер беше непозната речиси една деценија.
Всушност, сè започна порано таа 1998 година, кога се чувствуваше како ѕвезда. Тој се истакна во Тулуз, го подобри својот ранг на АТП-листата од 878. на 396. место, па спонзорите полудеа по него. Светските медиуми го следеа откако потпиша договор со спортската агенција IMG. Доби бесплатна опрема од „Најк“ како Пит Сампрас, кој му беше идол, па не му требаше многу за да го дигне носот.
Тој особено „одлета“ кога целиот свет го гледаше неговиот натпревар со Агаси во Базел, по што слушна прекрасни зборови: „Федерер неколку пати ги покажа своите талент и инстинкт за игра, но, за мене, тоа беше идеален прв натпревар на кој не морав напорно да работам и на кој можев да се навикнам на новите услови“.
И кога загуби, исчезна целиот тој гламур. Мораше да се врати на играњето на помали турнири. Затоа отиде на истокот од Швајцарија, во Киблис, каде што во тениска сала во која немаше линиски судии, собирачи на топки и навивачи мораше да го прави она што го правеа неговите врсници.
Иако изгледаше логично дека ако не сака да игра, може да се откаже, Федерер, безволно, одлучи да игра. Најверојатно, затоа што се плашеше од реакцијата на тамошната јавност, но и од спонзорите, кои го ангажираа.
Како шести најдобар тенисер во Швајцарија, Федерер играше против Арманд Брунолд (11. најдобар тенисер во Швајцарија според АТП-листата), доживувајќи мал пораз. Беше 7:6, 6:2 за Брунолд, резултатот дури и не покажува колку беше незаинтересиран Федерер на тој натпревар.
– Федерер само стоеше немотивирано и ноншалантно на теренот, правејќи две двојни грешки во еден гем – рече судијата на турнирот, Клаудио Гретер, кој го казни Федерер со 100 долари затоа што не се потруди доволно.
Среќа е што не беше дисквалификуван, бидејќи тоа можеше да има посериозни последици. На овој начин, беше само на минус 13 долари бидејќи собра 87 од учеството на турнирот во Киблис. Можеше да биде сериозна дамка во неговата кариера ако медиумите се занимаваа со тоа тогаш, но тоа беа други времиња, без социјалните мрежи.
Како што пишува авторот на книгата: „Федерер ја научи лекцијата“. Тој ја прифати казната и призна дека заслужил сè, а потоа играше на неколку мали турнири и освои голем број поени за да се пробие на АТП-листата за околу сто места.
Тој постепено ја подобруваше својата игра и стигна до својот прв грен-слем во 2003 година, на Вимблдон, пред да освои уште два во 2004 година – во Мелбурн и во Лондон и пред да стане светски број еден во август таа година. По тоа, тој го освои првиот Отворен турнир на САД и на крајот стигна до 20 титули од грен-слем турнирите.
Иако беше сопственик на повеќе рекорди во тенисот, денес има само еден бидејќи го престигна Новак Ѓоковиќ. Барем го има рекордот за фер-плеј во тенисот, каде што освои 19 последователни награди од 2003 до 2021 година.