Најдобриот португалски фудбалер на сите времиња, Кристијано Роналдо, никогаш не криел дека има совршен однос со легендарниот шкотски стручњак, сер Алекс Фергусон. Но, секако, во соблекувалната на Манчестер јунајтед, трофејниот менаџер ги преземал уздите секогаш кога не му се допаѓало нешто, принудувајќи го да остане цврст.
Има голем број приказни во кои главните улоги ги играат Роналдо и Фергусон, а поранешниот капитен на „црвените ѓаволи“, Рио Фердинанд, се присети на една од нив во документарецот што ќе го емитува Би-би-си за животот и делото на Фергусон. Сето тоа се случило во декември 2005 година, во Лисабон.
– Отидовме во Португалија (Бенфика ги победи „црвените ѓаволи“ со 2:1 на натпреварот од Лигата на шампионите) и Кристијано не играше добро. Беше млад, се трудеше премногу. Игравме против Бенфика и тренерот го критикуваше: „Што мислиш дека си?“ и „Дојде овде за да се обидеш да им докажеш на сите дека си она што мислиш дека си, а мислиш и дека си суперѕвезда“.
Се сеќавам дека Кристијано плачеше во соблекувалната. На Фергусон не му беше грижа. Но, погледнете каков играч стана! За да биде ваков, мораше да помине низ некои непријатни работи во кариерата. Фергусон му помогна во тоа – изјави Фердинанд.
Многу брзо потоа, Роналдо покажа за каков играч станува збор, а под водство на најтрофејниот менаџер во историјата на англиската Премиер лига освои сè што можеше да освои на клупската сцена, а потоа се пресели во редовите на шпанскиот гигант Реал (М).