Романија и Бугарија стануваат членки на Шенген – со едно предупредување

64

Романија и Бугарија ќе станат полноправни членки на Шенген зоната од 1 јануари 2025 година, со што ќе се заокружи процесот што започна во 2011 година, кога Европската комисија ги прогласи двете земји подготвени да се приклучат на зоната.

Како што јави Еуроњуз, заедничкиот пат на Романија и Бугарија кон полноправна членка на Шенген зоната конечно заврши денеска кога министрите за внатрешни работи на ЕУ го дадоа последниот збор.

Позитивна одлука стана можна откако Австрија, најжестокиот противник на влезот на Романија и Бугарија во Шенген, се откажа од своето вето минатиот месец.

Голема победа за Бугарија, Романија и цела Европа, соопштија денеска од Европската унија.

Како резултат на тоа, двете источни земји ќе се приклучат на Шенген од 1 јануари 2025 година како полноправни членки, откако чекаат од 2011 година. Во тоа време, многу земји, вклучително и Германија и Франција, се спротивставија на заедничката кандидатура. Со текот на времето, политичката опозиција постепено попушти, оставајќи ја Холандија и на крајот Австрија како последна пречка на долгиот пат.

„Ова е историски момент конечно да се пречекаат Бугарија и Романија како полноправни членки на Шенген. Укинувањето на проверките на лицата на внатрешните копнени граници со и меѓу тие земји-членки беше главен приоритет за унгарското претседателство, а денес го направивме тоа реалност. Од овој чекор ќе имаат корист не само бугарските и романските граѓани, туку и целата ЕУ“, порача Шандор Пинтер, министер за внатрешни работи на Унгарија.

Пристапувањето, сепак, доаѓа со клучна забелешка. Договорот од Будимпешта предвидува воведување проверки на копнените граници меѓу Унгарија и Романија и меѓу Романија и Бугарија nа „најмалку“ шест месеци со цел „да се спречи каква било сериозна закана за јавната политика и внатрешната безбедност“.

Формулацијата „најмалку“, како што се додава во текстот на Еуроњуз, имплицира дека овој период може да се продолжи со годините. Овој период на „проверка“ има за цел да ја смири Виена поради нерегуларната миграција, на која земјата постојано се повикуваше за да ги блокира двете земји да влезат во Шенген. Тоа значи дека, иако две земји влегле во Шенген, граѓаните на тие земји повремено ќе бидат изложени на „контроли“.

ИЗДВОЕНИ