Рокас со оптимизам, но и порака – многу важни квадратчиња чекаат да се штиклираат

Од Скопје се испраќаат оптимистички пораки за македонските евроинтеграции, иако ден претходно Брисел го повтори ставот дека земјава треба да покаже волја за промена на Уставот за да постигне напредок во процесот на пристапување кон ЕУ. На традиционалниот работен појадок во македонското МНР, на кој присуствуваа и амбасадорите од земјите членки на ЕУ, евроамбасадорот во земјава, Михалис Рокас порача дека „се наоѓаме во важен момент во билатералните односи“ и дека очекува оваа година да донесе напредок во евроинтегративниот процес на земјава. Македонскиот шеф на дипломатијата, Тимчо Муцунски, пак, им порача на амбасадорите од земјите членки на ЕУ дека е време и Унијата да донесе стратегиска одлука за тоа како понатаму ќе се постапува со нашиот пример и дека процесот на пристапување кон ЕУ треба да остане кредибилен, заснован на заслуги и да обезбеди предвидливост

324
Михалис Рокас, евроамбасадор

Оптимистички пораки испрати вчера евроамбасадорот во Македонија, Михалис Рокас, во однос на евроинтеграциите на земјава, иако ден претходно, новата еврокомесарка за проширување, Марта Кос го повтори ставот на Брисел дека земјава треба да покаже волја за промена на Уставот за да постигне напредок во процесот на пристапување кон ЕУ. На традиционалниот работен појадок во македонското МНР, на кој присуствуваа и амбасадорите од земјите членки на ЕУ, Рокас порача дека „се наоѓаме во важен момент во билатералните односи“ и дека очекува оваа година може да донесе напредок во евроинтегративниот процес на земјава.

-Се наоѓаме во важен момент во билатералните односи. Сметам дека ќе имаме многу причини за да бидеме оптимисти, а ова доаѓа со заднината на геостратешката средина. Ова не се случува често, на почеток на годината да давам позитивни пораки, но тоа сега го правам затоа што вложивме многу работа и напори изминатата година, градејќи мостови. Исто така доказ за ова е што на почетокот на годината успеавме да започнеме два многу важни проекта – коридорот 8 и 10, рече Рокас, но изрази надеж дека оваа година „нема да се однесува само на сечење ленти, туку и на напредок во процесот на пристапување“.

Рокас вели дека има многу разбирање и многу заедничка волја да се придвижи процесот во Брисел, но посочува дека владеењето на правото е од клучна важност.

-Кога вложуваме напори во испорачување резултати докажуваме дека сè е возможно. Имаме одлична платформа со која можеме да работиме, реформската агенда е одличен документ, но исто така содржи и важни квадратчиња кои треба да се штиклираат во годината 2025. Ги има многу и заедно мојот тим од Делегацијата на ЕУ ќе ви помага Вам, на премиерот и на министерство за европски прашања во унапредување на оваа важна агенда. Има многу разбирање и многу заедничка волја да се придвижи процесот во Брисел. Владеењето на правото е област од клучна важност. Правосудството, владеењето на правото и борбата против корупцијата се една област која ќе и овозможи на Северна Македонија да направи голем исчекор напред, затоа што ќе се врати довербата. Тоа е нешто кое е навистина неопходно, ќе работиме рамо до рамо со Вас и со министерот за правда, рече Рокас уверувајќи дека годинава ќе биде одбележана со многу достигнувања на европскиот пат на земјава.

Македонскиот шеф на дипломатијата, Тимчо Муцунски, пак, им порача на амбасадорите од земјите членки на ЕУ дека е време и Унијата да донесе стратегиска одлука за тоа како понатаму ќе се постапува со нашиот пример. Муцунски истакна дека процесот на пристапување кон ЕУ треба да остане кредибилен, заснован на заслуги и да обезбеди предвидливост. Тој очекува и конечен почеток на пристапните преговори и отворање на поглавјата оваа година.

-Оваа 2025 година одбележуваме, за жал, еден многу неславен јубилеј, 20 години од стекнување на кандидатскиот статус. Точно две децении во кои донесовме серија на крупни одлуки во која направивме болни компромиси во името на остварување на генерацискиот стремеж за членство во ЕУ. Крајно време е да продолжиме по европскиот пат. Подготвени сме за дијалог во добра волја, и изнаоѓање на рационални решенија. Време е и Унијата да донесе стратегиска одлука за тоа како понатаму ќе се постапува со нашиот пример како своевиден лакмус за кредибилитетот на европската приказна во регионот и пошироко. Притоа патот напред не води преку константна билатерализација на пристапниот процес и условување со прашања кои имаат малку заедничко со сржта на европската идеја и нејзините вредности. Напротив, потребна е геополитичка одговорност и одлуки кои ќе зближуваат наместо да не делат, кои ќе градат мостови цврсто втемелени врз сето она што го споделуваме и сето она што не поврзува, рече Муцунски.

Додека од Скопје се испраќаат оптимистички пораки за македонските евроинтеграции, еврокомесарката за проширување Марта Кос на дебата со членовите на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) во вторникот го повтори ставот на Брисел дека земјава треба да покаже волја за промена на Уставот за да постигне напредок во процесот на пристапување кон ЕУ.

– Се надеваме дека Македонија ќе ја исполни обврската за промена на Уставот и тогаш, сигурна сум, дека штом ќе почнеме да се движиме со Северна Македонија, исто така, и со поддршка на Бугарија ќе можеме продолжиме на тој пат, изјави Кос во одговор на прашање на бугарскиот европратеник Андреј Ковачев на дебатата.

Сепак, Кос рече дека треба да се направи с за да се избегне билатералните прашања да влијаат на преговорите, но заклучи дека тоа се случува и заедничка обврска е „да ги решаваме кога ќе се појават“. (В.С.Н.)

ИЗДВОЕНИ