Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп води тајни разговори со Хамас за можноста за ослободување на американските заложници во Газа, изјави за Ројтерс извор запознаен со разговорите.
Американскиот специјален пратеник за прашања на заложниците, Адам Болер, преговара директно со Хамас во Доха во последните неколку недели, рече изворот, потврдувајќи го извештајот на порталот Аксиос.
Соединетите Држави до неодамна избегнуваа директни преговори со милитантната група.
Американскиот Стејт департмент го прогласи Хамас како странска терористичка организација во 1997 година.
Ниту израелската амбасада во Вашингтон, ниту Белата куќа сè уште не одговориле на барањето за коментар.
Канцеларијата на Болер одби да коментира.
Изворот рече дека разговорите се фокусирале на ослободувањето на американските заложници кои се уште се во Газа, но вклучиле и дискусии за поширок договор за ослободување на сите преостанати заложници и начините за постигнување долгорочен прекин на огнот.
Специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп за Блискиот Исток, Стив Виткоф, планира да се врати во регионот во наредните денови за да најде начин или да ја продолжи првата фаза од договорот за прекин на огнот во Газа или да премине во втора фаза, изјави во понеделникот портпаролката на Стејт департментот.