Првите прелиминарни резултати од истрагата што ја спроведе Азербејџан покажуваат дека руската противвоздушна одбрана го соборила авионот на Азербејџан ерлајнс што се урна во Казахстан, кога загинаа 38 лица, објави денеска „Ројтерс“, повикувајќи се на четири извори со знаење за истрагата на Азербејџан за падот на леталото.
Еден од изворите за „Ројтерс“ изјавил дека првичните резултати укажуваат дека авионот го нападнал рускиот систем за воздушна одбрана Pancir-S и дека комуникациските системи на авионот биле парализирани од руски електронски систем за војување во близина на градот Грозни во руската република Чеченија.
„Никој не тврди дека тоа е направено намерно. Сепак, земајќи ги предвид утврдените факти, Баку очекува руската страна да го признае соборувањето на азербејџанскиот авион“, рече изворот.
Уште три извори потврдија дека истрагата довела до истиот прелиминарен заклучок, пренесува Танјуг.
Претходно вицепремиерот на Казахстан Канат Бозимбаев изјави дека не може ниту да ја потврди, ниту да ја демантира тезата дека руските воздухопловни сили го собориле авионот, додека претседателот на Сенатот на Казахстан, Маулен Ашимбаев, изјави дека ниту една земја чии граѓани загина во авионската несреќа нема намера да крие информации за несреќата.
Кремљ соопшти дека би било несоодветно да се коментира за несреќата додека не заврши истрагата.
„Погрешно е да се градат хипотези пред заклучоците од истрагата“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Азербејџанскиот авион, кој летал од Баку за Грозни, се урна во средата наутро во близина на градот Актау во западен Казахстан, при што загинаа 38 лица од вкупно 67 членови на екипажот и патници во авионот.
Според првичните информации, меѓу жртвите се и двајцата пилоти на авионот.
Во авионот имало вкупно пет членови на екипажот и 62 патници, од кои 16 Руси, 37 државјани на Азербејџан, шест од Казахстан и тројца од Киргистан.
Прес-службата на претседателот на Азербејџан Илхам Алиев соопшти дека авионот го променил курсот поради лошите временски услови, а до несреќата дошло при слетување во Актау.
Алиев нагласи дека постојат различни верзии за тоа што се случило и повика да се почека завршувањето на истрагата, меѓу другото, има информации дека авионот се урнал откако птици влетале во моторите.