Британската новинска агенција Ројтерс објави снимка од дрон на која се гледа копањето на гробните места каде што ќе бидат погребани жртвите од пожарот во Кочани.
„Булдожери и работници со лопати ископаа ред гробници на гробиштата во Кочани во понеделникот, каде најмалку 59 лица загинаа во пожар во ноќен клуб“, пишува Ројтерс под видеото објавено на социјалните мрежи.
Инаку, гробиштата во Кочани се прошируваат поради големиот број починати во пожарот од дискотеката „Пулс”. Жртвите ќе бидат погребани во посебен дел од кочанските гробишта.
Претходно, од општина Кочани соопштија дека на колегиумот што се одржал утринава, упатена е препорака до Управниот одбор на КЈП Водовод да донесе одлука за проширување на парцелите во Градските гробишта и да се определи посебно место за починатите во пожарот.
Исто, упатена е препорака и да се донесе одлука за бесплатно доделување парцели за починатите и за погребните услуги коишто се во надлежност на КЈП Водовод, соопшти Општина Кочани.