Претседателот на Кошаркарската федерација на Македонија, Перо Антиќ, на денешното Редовно собрание ќе даде отчет за сработеното во изминатата година како и за потрошениот буџет во износ од 2,1 милион евра.

Но, она што особено привлече внимание пред Годишното собрание е соопштението на Иницијативниот одбор за промени во КФСМ, кое стигна до медиумите, во кое се потенцира дека дел од гласовите кои ги добил Антиќ за реизбор на претседател минатата година, биле од негови блиски пријатели и од роднини, како татко, братучед, кум, кумашин…  Сепак, со оглед на тоа што Антиќ доби апсолутна доверба во реизборот за претседател, реалната слика вели дека и без тие гласови тој би останал на функцијата, иако надвладеал непотизмот.

Поради сето тоа, со свое соопштение излезе и Куќата на кошарката во кое се вели дека Антиќ е свесен за заткулисните игри кои се играат против него, а воедно ги повика клубовите да не дозволат некој да манипулира со нив, односно со начинот на работата на КФСМ.

  • Претседателот на Кошаркарската федерација, Перо Антиќ, свесен е за заткулисните игри на најразлични заинтересирани страни, сака да ги увери сите клубови-членови на Федерацијата дека нема да дозволи некој да се поигрува со начинот на работа на КФСМ и со целите на раководството со највисокото раководно тело на кошарката во Македонија.
  • Клубовите кои се вознемирени од ситуацијата која се пласира и кои веќе нè контактираа за секојдневните притисоци со кои се соочуваат ги уверуваме уште еднаш дека ќе продолжиме да ја оправдуваме довербата која несебично ни ја даваат во текот на сиве овие години. Секој што продолжува да го валка името на овој тим, поединечно или во целина, само докажува дека има зли намери.
  • Редовната годишна седница на собранието, коешто Претседателот Перо Антиќ го закажа за 18 декември (денеска), ќе помине во најдобар ред. На седницата, како што впрочем е и предвидено секоја година на редовниот собир на членките на Федерацијата, ќе биде презентиран финансискиот извештај и извештајот за работа на Федерацијата.
  • Како и досега, тимот на Федерацијата продолжува да работи отчетно и транспарентно и нема да дозволи некој да се поигрува со својата (политичка) моќ и истата да ја злоупотребува. Спортот ќе го оставиме на спортистите, а ќе ја изоставиме политиката и влијанието од „надворешни сили“.
  • Уште еднаш, ги повикуваме сите клубови да не подлегнуваат на притисоците кои им се наметнати, се вели во соопштението на КФСМ.

Инаку, станува збор за записник од Собранието на КФСМ одржано во март 2023 година, кога Антиќ го доби вториот претседателски мандат со гласови од сите присутни. Од сегашна гледна точка тоа и не е некакво изненадување, особено ако детално се разгледаат имињата на присутните односно претставниците на клубовите-членки на највисокиот орган во македонската кошарка.

ИЗДВОЕНИ