Родителите на бебињата закопани во близина на Вараждин биле членови на Месијанската еврејска секта

1697

Сослушувањето на родителите на двете бебиња, чии тела беа пронајдени закопани во дворот на семејната куќа во месноста Љубљa Калнички кај Вараждин, започна утрово. Тие се осомничени занемарување на дцата со фатални последици. Соседите и познаниците велат дека семејството се преселило во местото пред околу пет години и дека биле членови на религиозната секта на Месијанските Евреи.

Вараждинската полиција поднесе кривична пријава против родителите за тешко запуштање, кое во случајот со две едногодишни бебиња завршило со смрт. Третото дете кое исто така беше запуштено го згрижи Центарот за социјална работа.

Децата не се родени во болница, а системот не знаел дека постојат, бидејќи немале ниту матичен број, кој во Хрватска се нарекува ОИБ. Ова го потврди министерот за труд и социјална заштита, Марин Пилетиќ.

„Не биле под мерки (социјална заштита), ниту пак вработените имале дејствија кон нив. Со оглед на оваа вест, детето набрзина е згрижено и назначен е старател. Со оглед на тоа дека детето го немало во евиденцијата, тоа ќе го направи старателот, за да добие уписи во сите регистри што треба да се водат. Тоа е под заштита на една наша институција и е безбедно“, рече министерот.

Хрватскиот министер за внатрешни работи Давор Божиновиќ изјави дека добиле дојава дека нешто чудно се случува во семејството од лице од „релативно блиско опкружување“.

„Не би рекол дека се работи за некој од поширокото семејство, туку се работи за човек кој го познава тоа семејство“, рече министерот.

Градоначалникот на Љубешчица, Ненад Хорватиќ, за 24сата.х вели дека очевидци на претресот велат дека таткото им покажал на полицајците и вработените во локалното комунално претпријатие, кои помогнале во потрагата, каде ги закопал децата.

Сомнежите на мештаните, наводно, ги разбудило третото дете, за кое забележале дека е неухрането.

Мештаните за локалните медиуми изјавија дека семејството се преселило во селото кај Вараждин пред неколку години. Наводно, тие живееле многу изолирано, а ниту еден од родителите не бил вработен.

„Невенчаниот сопруг се шеташе низ селото во долга црна наметка и носеше долга брада. Не ја видовме жената. Еднаш дојде така облечен кај нас во каменоломот, но не разговараше со никого, остана малку и си замина. Според моите информации, никој од нив не е вработен, а родителите на мајката, колку што знам, се професори во Вараждинските училишта“, изјави жител на новинарите на Јутарњи лист.

Медиумите пишуваат дека родителите припаѓале на Месијанската еврејска секта, а познаници на таткото, по потекло од Сплит, велат дека тој играл ватерполо и пеел во група. Меѓутоа, откако се приклучи на култот, тој го променил и својот животен стил.

„Можете да видите дека енергијата таму е поинаква. Пред да му се промени животот, би го опишал како весел тип, талентиран, седум години пееше во хор. Подоцна се обидовме да стапиме во контакт со него, но и со неговото семејство, но тој реши дека не сме добредојдени“, изјави за 24сата познаник на таткото на децата.

Според мештаните, парот се запознал преку интернет, ги споила секта и се венчале многу брзо, но само според верските прописи. „Слободна Далмација“ ги објави изјавите на познаниците на таткото, кои велат дека откако се приклучил на сектата повеќе не ја признава државата ниту законите, а матичниот број го сметале за „белег на ѕверот“.

Родителите на мртвите бебиња (1) во Хрватска на распит: Биле членови на секта!