Родителите и наставниците клучни во борбата против булингот

22

Родителите и наставниците беа посочени како клучни фигури во превенцијата и решавањето на врсничкото насилство на трибината што се одржа во Домот на културата во Ѓорче Петров, во рамки на кампањата „Стоп за булингот“ на „Макпетрол“.

На настанот присуствуваа родители од сите шест основни училишта во општина Ѓорче Петров, а беше воден од актерот Сашко Коцев.

Градоначалникот Александар Стојкоски ја нагласи важноста на заедничките напори во борбата против булингот.

-Родителите и наставниците се првата линија на одбрана. Нивната улога е незаменлива во создавањето на безбедно и поддржувачко опкружување за нашите деца – истакна Стојкоски.

На трибината учествуваа и психологот Деспина Стојановска, Соња Палчевска Ќосева од Општина Ѓорче Петров, педагогот Валентина Алексовска и психологот Гордана Несторова.

Беа разгледани причините и последиците од врсничкото насилство, како и практичните решенија за негово спречување.

Минатата година фокусот беше на учениците, а сега акцентот беше ставен на родителите и наставниците, кои се клучни во препознавањето и справувањето со булингот.

-Ова е само почеток. Ќе продолжиме со вакви иницијативи за да осигураме дека секое дете ќе има можност да расте во средина полна со разбирање и поддршка – заклучија од Општина Ѓорче Петров.

 

ИЗДВОЕНИ