Трагедија во Кочани: Родители на социјалните мрежи си ги бараат децата – се објавуваат фотографии, се бара помош!

527

Дискотеката во Кочани каде ноќеска избувна пожар била преполна, а трагедијата се случила во 3 часот по полноќ, сведочат жители на Кочани кои во моментот се наоѓаат на местото. Дел од нив самоиницијативно помагале при извлекување на жртвите и повредените во пожарот.

Жител на Кочани за ВЕЧЕР кажа дека дошол веднаш на местото на пожарот. И неговата ќерка сакала да оди на концертот, но тој не и дал пари. И таа заедно со него и другарките помагале во извлекувањето на младите луѓе од дикотеката.

Преку објави на социјалните мрежи семејствата се обидуваат да дојдат до некакви информации за нивните деца. На социјалните мрежи се објавени и масовно се шеруваат фотографии од младите луѓте со телефонски броеви на нивните семејства за да им јават ако некој има информација за децата.

Пожарот настана за време на настапот на групата ДНК. Според досегашните информации, неофицијално има 53 загинати лица.

Според информациите во Градската болница „Св. Наум Охридски“ во Скопје се хоспитализирани 27 лица со тешни изгореници, и контузии по телото, 24 на Клиничкиот центар, 18 во „8 Септември“, од кои двајца во критична состојба.

Меѓу повредените во Градска има и малолетници. Повеќето од повредените лица во пожарот во дискотеката во Кочани што се случи ноческа се пренесени во кочанската општа болница каде се уште им се укажува медицинска помош.

Поради сериозност на повредите здобиени како резултат на пожарот и вдишување чад дел од повредените се пренесени во Клиничката болница во Штип, во Градската општа болница „8 Септември“ и на Скопските клиники.

Пред Болницата во Кочани се наоѓаат голем број на блиски и роднини на повредените и на починатите. Општинската организација на Црвен крст прави списоци за утврдување на идентитетот на загинатите лица.

ИЗДВОЕНИ