Ракометарите на Алкалоид славеа на гостински терен кај Бриксен со 32:44 (18:23) и со една нога веќе се во четвртфиналето на Европскиот куп, третото по ранг натпреварување на ЕХФ.
Тимот на Кирил Лазаров доминираше на гостувањето од почетокот до крајот и заслужено се радува на европската победа, петта за клубот оваа сезона по четирите против Драгунас Клаипеда од Литванија и Вест Виен од Австрија.
Најдобар стрелец во тимот на Алкалоид беше Игор Ѓорѓиев со седум гола, а Мартин Серафимов и Александар Петковски имаа по шест гола. Кај Бриксен се истакнаа Де Оливеира Кандидо со осум и Арчиери со седум гола. Реваншот меѓу Алкалоид и Бриксен се игра во Скопје во салата „Автокоманда“ на 22 февруари.