Триумфот на Алкалоид во последното коло од Суперлигата му заврши голема работа на актуелниот шампион на Македонија, Еурофарм Пелистер да остане на врвот на табелата. Во регуларниот дел од сезоната трите водечки екипи завршија со по 40 бода, имаа по 20 победи и по два порази. Пелистерци во плеј-офот ќе пренесат три бода, Вардар и Алкалоид по два, Охрид и Тиквеш по еден, а Бутел е единствен без бодови

По завршувањето на регуларниот дел од сезоната во ракометната Суперлига, со победата на Алкалоид над Охрид (29:26), познат е и конечниот пласман на екипите пред почетокот на плеј-оф фазата. Триумфот на Алкалоид му заврши голема работа на актуелниот шампион на Македонија, Еурофарм Пелистер за да остане на врвот, а доколку Охрид извлечеше бод или победеше на првото место ќе скокнеше Вардар.

На конечната табела трите водечки екипи завршија со по 40 бода, имаа по 20 победи и по два пораз. На неа шампионот Еурофарм Пелистер е водечки поради најдобра гол разлика на мини-табелата на водечките три, Вардар е второпласиран, а Алкалоид трет. Пелистерци во плеј-офот ќе пренесат три бода, Вардар и Алкалоид по два, Охрид и Тиквеш по еден, а Бутел е единствен без бодови.

Табела за плеј-офот со пренесени бодови: Еурофарм Пелистер – 3, Вардар – 2, Алкалоид – 2, Охрид – 1, Тиквеш – 1, Бутел Скопје – 0

Што се однесува до борбата за опстанок во елитата, Пролет има предност пред конкуренцијата и ќе тргне со три бода, Прилеп и Куманово со по два, Борец и Струга со по бод, а Радовиш е единствен на „нула“.

Табела за плеј-аутот со пренесени бодови: Пролет – 3, Прилеп – 2, Куманово – 2, Борец – 1, Струга – 1, Радовиш – 0

Со ждрепка, вчера беше одреден и распоредот на натпреварите од плеј-офот, а дерби дуелите во битките за титула ќе бидат во 5. и во 10. коло. Прво во Скопје ќе играат Вардар и Еурофарм Пелистер на 23/24 април, а двете екипи ќе играат во Битола на 7/8 јуни.

Натпреварите од првото коло ќе се играат на 2 април, веднаш потоа викендот е 2. коло, а последното, 10. коло е закажано за 7/8 јуни, кога ќе биде доделена титулата.

Прво коло, распоред: Бутел Скопје – Охрид, Вардар – Алкалоид, Тиквеш – Еурофарм Пелистер.

 

 

 

ИЗДВОЕНИ