Тимот, кој е еден од најголемите претенденти за освојување на титулата во македонското првенство – Алкалоид, многу брзо би можел да остане без својот најдобар играч, средниот бек Марко Митев. Според информации на порталот „24 ракомет“, за него веќе интерес пројавил поранешниот европски шампион Магдебург. Бундеслигашот е подготвен да плати 300.000 евра обесштетување на Алкалоид само за да го добие македонскиот репрезентативец.
Митев, покажа одлична игра на Светското првенство во Вараждин, постигна 22 гола на шест натпревари, а се покажа и како одличен организатор на играта. Тој има договор со „фармацевтитие“ до крајот на оваа сезона, па налето може да си замине и како слободен играч доколку не го продолжи договорот, но Магдебург сака да го ангажира веднаш и токму затоа се подготвени да ја платат сумата од 300.000 евра. Меѓутоа, бундеслигашот не е единствениот тим кој го сака Митев, интерес за него пројави уште еден тим од силната германска лига Мелсунген, но и од полскиот Киелце.
Репрезентација на Македонија го заврши настапот на шампионатот, на петнаесеттата позиција, пред неколку силни европски селекции. Пред Македонија, се Исланд (9), Норвешка (10), Швајцарија (11), Холандија (12), Словенија (13) и Шведска (14). Зад Македонија е хитот на СП 2025, Италија (16), а потоа следат Австрија (17) и Шпанија која како осумнаесетта го забележа најслабиот пласман во историјата на настапите на ракометните Мундијали. Чешка е деветнаесетта, а од 20. место до 24. место следат Аргентина, Катар, Тунис, Зеленортски Острови и Чиле.
За пласман од 25. до 32. место сè уште играат селекции на Президент Купот. Полска или САД ќе се соочат за 25. место, Кувајт и Јапонија ќе играат за 27. место, Алжир и Бахреин одат на мегдан за 29. место, додека за избегнување на последната позиција ќе разигруваат дебитантот Гвинеја и Куба.
Познати четвртфиналните двојки на СП
По комплетирањето на втората фаза, познати се сите учесници во нокаут-фазата на Светското првенство (СП) во ракомет во Хрватска, Данска и Норвешка.
Денеска: Франција – Египет (17:30 ч) Хрватска – Унгарија (20:30 ч.), Утре: Данска – Бразил (17:30 ч.), Португалија – Германија (20:30 ч.)
Победниците од дуелите Франција – Егилет и Хрватска – Унгарија ќе играат полуфинале во Загреб на 30 јануари од 20:30 часот, а победниците од Данска – Бразил и Португалија – Германија на 31 јануари се соочуваат во Осло исто така од 20:30 часот. Финалниот викенд е на 2 февруари, во Осло, Норвешка. Мечот за третото место е од 15:00 часот, финалето е од 18:00 часот.