Ракометарите на Алкалоид со пораз дебитираа на евро-сцената во Европската лига на ЕХФ. Избраниците на Кирил Лазаров, одиграа солиден натпревар, ама искусната Војводина славеше во СЦ „Јане Сандански“ со 26:31 (13:15). Ланскиот освојувач на ЕХФ Купот се наметна и водеше во текот на целиот натпревар, а иако Алкалоид парираше, не успеа да изненади.
Со по осум погодоци најдобри на паркетот беа Иван Џонов од Алкалоид и Вукашин Воркапиќ во победничкиот табор. Солидна партија во македонскиот табор имаа и Арнауд Бинго и Марко Митев со по пет реализации, додека четири даде Серафимов. Што се однесува до голманите, Србинот Трнавац финишира со 11, една повеќе од Благојче Трајковски.