Арапските земји имаат план спротивно на идејата на Доналд Трамп за преземање на Газа и претворање на областа во „ривиера на Блискиот Исток“. Овој одговор на идејата на Трамп, која го шокираше целиот свет, беше договорен во рекордно време, на вонреден самит во Каиро, а плановите вклучуваат издвојување на дури 52 милијарди евра за темелна обнова на Појасот Газа, уништен во војната со Израел.
„Египетскиот план сега е арапски план“ – потврди генералниот секретар на Арапската лига, Ахмет Абул Геит на крајот од овој самит.
Без директно да го спомене планот на Трамп, Геит нагласи дека „тие целосно го отфрлаат преместувањето на населението, без разлика дали е доброволно или принудно“. Египет претходно изработи детален план, со документ од 91 страница, кој вклучува фотографии од зелени населби и големи јавни згради.
Она што го прави различен овој нов план е тоа што не се работи само за изградба на недвижности, туку и политиките и правата на Палестинците. Египетскиот претседател Абдул Фатах ал-Сиси, исто така, повика на паралелен план заедно со физичката реконструкција за да се придвижи кон она што е познато како решение за две држави – палестинска држава покрај Израел.
Арапските држави, како и многу други, го гледаат како единствено трајно решение за овој вечен конфликт, но израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговите сојузници цврсто го отфрлаат, јавува Би-Би-Си. Овој нов план предлага Газа привремено да биде управувана од „управувачки комитет за Газа под раководство на палестинската влада“ составен од квалификувани технократи.
Засега не е познато каква улога би имал Хамас во сето тоа, но во документот нејасно се споменува „пречката“ на милитантните групи и се наведува дека ова прашање ќе се реши доколку се отстранат причините за конфликтот со Израел. Она што е познато од претходно е дека арапските земји го отфрлаат легитимитетот на Хамас.