Ристовски е незаменлив за Динамо (З), но е небитен за Милевски

20
epa11610545 Stefan Ristovski of Dinamo Zagreb in action during the UEFA Champions League match between Bayern Munich and Dinamo Zagreb in Munich, Germany, 17 September 2024. EPA-EFE/ANNA SZILAGYI

Најтрофејниот хрватски клуб, Динамо (З), отпатува за Турција на подготовки, каде под водство на новиот шеф на стручниот штаб, славниот Италијанец, Фабио Канаваро, ќе ја темпира формата која ќе биде клучна во обидот да ги стигне Риека и Хајдук, кои со предност од седум бода ќе го стартуваат преостанатиот дел од сезоната. Бранителот на тронот во моментов има повеќе од 30 играчи под договор кои конкурираат за сениорскиот состав, а статусот на дел од тие кои се во соблекувалната е под знак прашалник, кога е во прашање зимскиот преоден рок, пишува хрватскиот портал „индекс.хр“.

Ова особено се однесува на постарите играчи и оние на кои им истекуваат договорите. Сепак, клубот планира во најбрз можен рок да ја продолжи соработката со двајца „сенатори“ на кои актуелниот договор им истекува на лето.

Популарните „модри“ и понатаму ќе соработуваат со македонскиот интернационалец Стефан Ристовски и францускиот дефанзивец Кевин Теофил-Кетрин.

Иако имаше најави дека Динамо (З) ќе ја подмлади „кичмата“ на тимот, се чини дека овој процес ќе потрае барем малку подолго и дека поради моменталната ситуација и бодовниот минус, таквото подмладување ќе мора да се стави во втор план.

Поранешниот репрезентативец на Македонија е еден од капитените, но оваа сезона навивачите го критикуваа за неговите игри и посакаа ново решение на десното крило, но истите тие забораваат дека Ристовски е еден од ретките фудбалери кој е принуден да игра на сите позиции во дефанзивата и најчесто без проблем ја завршува дадената задача.

Истиот медиум додава дека на Ристовски, кој одигра 22 натпревари оваа сезона, му е понуден договор со помала плата од претходно, но Македонецот ќе го потпише.

Иако има 32 години, Стефан е незаменлива алка во тимот кој игра во Лигата на шампиони и кој има реални шанси да се пласира во 1/8 финалната рунда од најпрестижното клупско натпреварување.

Пред неколку години Ристовски се повлече од репрезентацијата затоа што не можеше да најде заеднички јазик со селекторот Благоја Милевски. Интересно, Милевски експресно се откажа од неговите услуги, но новиот претседател на Фудбалската федерација на Македонија, Масар Омерагиќ, изјави дека не е нормално капитен на тим кој игра во ЛШ да не игра за националниот тим и додаде дека ќе биде разговарано со Ристовски за кам-бек во „црвено-жолтиот“ дрес.

ИЗДВОЕНИ