На македонската кореографка за модерен танц Рисима Рисимкин вчера во Скопје ѝ беше доделена титулата Витез од редот на уметностите и книжевноста од државата Франција.

Орденот ѝ го додели францускиот амбасадор во земјава Кристоф Ле Риголер на свечена пригодност што се одржа во француската резиденција. Тој притоа ги истакна достигнувањата на Рисимкин во модерниот танц, а особено нејзините соработки со француските танчарски трупи и културни институции. Рисимкин и нејзиниот Скопје танцов театар беа први и единствени изведувачи од Македонија кои настапија на сцената на Националниот театар за современ танц „Шајо“ во Париз во 2022 година.

Амбасадорот Ле Риголер нагласи дека Рисимкин не само што овозможила да гостуваат француски танчари, трупи и професори по танц во земјава, туку била и културен амбасадор кој придонел да се претстави модерниот танц во македонска кореографија и изведба пред префинетата француска публика.

– Креацијата беше и сè уште е постојан дел од мојот живот. Целта ми е да ја издигнам танцовата уметност и да ја промовирам не само дома, туку, и надвор. Историското гостување кое го остварив со танчарите на Скопје танцовиот театар во Националниот театар за современ танц „Шајо“ во Франција, беше врв на мојата уметничка кариера, остварување на мојот долгогодишен сон и огромно признание за мојата кореографска работа. Да се биде Витез на уметностите и книжевноста на Франција, за мене е голема чест и признание и чувствувам радост и воодушевеност – рече Рисимкин на доделувањето на орденот и се заблагодари на Француската амбасада, Францускиот институт и на државата Франција.

Титулата Витез од редот на уметностите и книжевноста ја доделува француското министерство за култура.

ИЗДВОЕНИ