Формула 1 неодамна направи историски чекор за сезоната 2025 година, именувајќи ја Лаура Милер како првата жена тркачки инженер во историјата на овој спорт. Оваа Германка ќе ја преземе клучната улога во екипата на Хас, каде што ќе соработува со новиот член на тимот, возачот Естебан Окон.
Инженерот на трката е клучна улога во Формула 1, бидејќи најтесно соработува со возачите за перформансите, поставувањето и за управувањето со болидите.
Во текот на телевизискиот пренос, се слуша гласот на инженерот на трката како разговара со возачите преку радиоврската.
Директорот на Хас, Ајао Комацу, истакна дека сакал да го промени тимот за тркачки операции од почетокот на минатата година, откако видел некои слабости.
- Не ја избрав Лаура затоа што е женско. Едноставно, не ни е грижа националноста, полот, тие не се важни. Важна е работата, како се вклопувате во тимот, како може да ги доведете вашите перформанси до максимум. Верувам дека Лаура е најдобриот избор – рече Комацу.
Хас минатата година заврши на седмото место во шампионатот за конструктори.