Во рамки на претстојното издание на Меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца „Литера“ ќе биде поставена ретроспективна изложба на илустрации на еден од доајените на македонската уметност, Орде Манески. Посетителите ќе имаат можност да се запознаат со богатото творештво на Манески и да ги погледнат препознатливите илустрации од голем број учебници, сликовници и книги за деца. Изложбата ќе биде поставена од 23 до 30 април, во галерискиот простор на Сули-ан, каде што годинава ќе се одржи фестивалот „Литера“.
-Оваа година со посебна чест ја отвораме изложбата на Орде Манески, автор чиј визуелен јазик остави траен белег врз генерации деца. Преку фестивалот „Литера“ ја истакнуваме вредноста на илустрацијата како составен дел од квалитетната литература за деца бидејќи таа несомнено е патоказ кон имагинацијата, љубопитноста и креативниот израз од најрана возраст, вели Софија Семенпеева, од агенцијата „Ефектива“, која е организатор на фестивалот.
Во рамки на фестивалската програма ќе се одржат и креативни работилници за деца од различна возраст, на кои најмладите учесници ќе имаат можност да се инспирираат токму од делата на Манески, но и да истражуваат и да создадат сопствени приказни преку цртеж и збор.
Орде Манески е роден во Прилеп. Неговите дела се изложувани на бројни групни изложби, како во земјата, така и на меѓународната сцена. Со делата на Манески сме запознаени уште од училишните клупи, преку неговите илустрации за Запознавање на природата и општеството, Поуки за јазикот, Историја, Историска читанка, учебник по англиски јазик и учебници за основно образование на албански и турски јазик.