Додека се чекаат мерките на Владата, утре нов бојкот на маркетите. Какви мерки ќе преземе Владата за високите цени на храната, ќе се знае в понеделник кога се планира да се одржи и средба на синдикатите, Организацијата на потрошувачите, Државниот завод за статистика, министерствата за финансии и за земјоделство, како и на претставници на сите останати релевантни институции околу новата методологија за пресметување на потрошувачката кошница.
-Легитимно е да има бојкот на маркетите, го разбирам организирањето на вакви активности зашто одредени субјекти на шпекулативен начин се обидуваат да генерираат огромни приходи на грбот на граѓаните. Ова нема да го прифатиме и да го толерираме. Ќе ве известиме како ќе постапиме понатаму, подготвени сме да ги преземеме сите мерки што ни се на располагање за да ги спречиме овие незгодни ситуации, рече министерот за економија, Бесар Дуримиши, на брифинг со новинарите.
Според него, Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) до крајот на неделава треба да ги заврши шестмесечните контроли со кои се опфатени дистрибутерите, добавувачите, производителите и трговците.
-Течат контролите на дистрибутерите, добавувачите, производителите и трговците. Надзор се врши врз целокупниот процес, се контролира и колкава е маржата ставена од трговците за период од шест месеци, дали таму е чепкано и врз основа на тој извештај од Инспекторатот, како Влада ќе преземеме соодветни мерки, истакна министерот, додавајќи дека и ДПИ ќе излезе во јавноста со податоците.
Премиерот Христијан Мицкоски порача дека ги разбира граѓаните и го разбира нивниот револт за бојкотот на маркетите, поради високите цени на производите. Oчекува преку дијалог производителите, дистрибутерите, маркетите и потрошувачите да седнат заедно да разговараат и да го надминат сето ова што се случува, за да нема ескалации и да нема поголеми последици.
– Јас сум еден од потрошувачите и да понекогаш сум револтиран кога плаќам исти производи по повисока цена од тие цени кои се во соседството и ве молам и тоа го зборував и во Парламент на пратенички прашања ова е дел од проблемот имаме и други проблеми, како што се друг тип на трговци, со друг тип на производи, како што се лекови, бела техника итн., коишто продаваат производи ако се споредат со тие од околината се некогаш два до трипати поскапи, изјави Мицкоски.
Забележа дека тоа е невозможно да е последица на лоша зделка или последица на некои царински давачки или на нешто друго.
– Прашањето е колку е доста, има ли доста, некој ќе рече знаете Христијан маркетот, односно пазарот ја одредува цената, да но некои економски оператори својата пазарна улога ја злоупотребуваат и затоа мислам дека во еден дијалог се може да се надмине, рече Мицкоски.
Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, го оправдува револтот на граѓаните околу цените во маркетите и ги повикува маркетите да се вразумат околу цените, за да нема потреба од ургенции на Владата.
-Треба да се вразумат, имаат период да се вразумат и доколку ги симнат цените на едно нормално ниво, ние не велиме маркетите да немаат профит. Кој би работел без профит? Ние треба да внимаваме и на таа страна, значи производителите, добавувачите, маркетите не треба да работат со загуби, како што било во претходната власт, нормално тие вработуваат луѓе, влијаат на економскиот раст, меѓутоа да имаат едно стабилно ниво на цени коешто одговара на економските прилики и состојби и во Македонија и во регионот, рече Ристески.
Сојузот на стопански комори на Македонија направи анализа на пазарот на супермаркети наспроти добавувачи, која што ги детектира точките каде растат цените и каде треба да се интервенира. Бројките од анализата покажале дека супермаркетите не се одговорни за зголемувањето на цените, а главната ценовна моќ е во рацете на добавувачите и производителите, кои уживаат значително повисоки профити, додека супермаркетите работат со минимални маржи.
На прашањето кој ги контролира цените одговорот може да се види во профитната маржа. Според ССК, супермаркетите работат со просечна профитна маржа од само 0,83%, а производителите и дистрибутерите во просек остваруваат 4,32%. Некои добавувачи имаат профитни маржи над 13%, додека супермаркетите остануваат под 3%.
Анализата покажала екстреми во профитните маржи. Некои производители имаат профитни маржи кои се далеку над оние на супермаркетите. Супермаркетите се соочуваат со најголема јавна критика за цените, иако заработуваат значително помалку по производ од добавувачите. На листата на 15 најголеми добавувачи се покажува дека овие компании генерираат големи профити, но вработуваат многу малку луѓе. Тие сочинуваат 11,8% од вкупниот приход на производителите, но 21,3% од нивниот вкупен профит.
Сојузот на стопански комори на Македонија бара транспарентност и фер одредување на цените низ целиот синџир на снабдување, па затоа повикуваат на поголема транспарентност, затоа што време е да се адресира вистинската причина за високите цени и секој во процесот треба да има одговорност.