Општина Центар ја отстрани рампата на улицата „Наум Наумовски-Борче”, кај хотелот „Дувет“, на раскрсницата помеѓу „Ленинова” и „Партизанска”, која претставуваше проблем и пречка за функционирање на сите учесници во сообраќајот. Со овој потег, Општината го реши деценискиот проблем, по барање на жителите, по поднесена петиција на која се потпишаа 327 граѓани. Ова е направено во согласност со ДУП-от и за овој зафат се добиени потребните дозволи од сите надлежни институции.
На улицата се поставени столпчиња за безбедност во сообраќајот и за влегување на возилата во подземните гаражи. Со овој зафат се обезбедува пристапна зона, која ќе биде проодна и безбедна за граѓаните.
– Конечно, го решаваме долгогодишниот проблем на ваше барање. Улицата станува безбедна за пешаците и за вас, жителите. На овој потег, постојано се случуваа сообраќајни незгоди и затоа моравме да го направиме ова. Со вадењето на рампата, воедно ја ослободивме улицата од сите пречки поради кои имаше проблеми – им се обрати Герасимовски на собраните жители.
Општина Центар известува дека улицата ќе биде двонасочна, во широчина од 7 метри, по 3,5 од секоја страна, ќе се отстрани страничната урбана опрема и ќе се намалат надворешните тераси на угостителските објекти покрај улицата „Наум Наумовски-Борче”. Со ова, исто така, ќе се оневозможи диво паркирање на улицата, што претходно претставуваше проблем за пешаците.