Состојбата со пожарите во земјава е алармантна. Гори од Пехчево до Македонски Брод. Се мобилизираат сите што ја сакаат Македонија – и од внатре и од надвор.

Компанијата „Техком“ од Кочани го стави на располагање своето специјално пртивпожарно возило. Истото носи 9 тона вода и има топ кој исфрла млаз околу 100 метра. Навивачката група на Вардар, Комити прогласи општа мобилизација на своите членови, повикани се сите кои сакаат да помогнат во гаснењето на пожарите во светиниколско каде фронтот на огнот е многу широк.

Во овој критичен регион на терен се пожарникарите, а во приправност има доволен број на припадници на Армијата кои се вклучуваат по барање на локалните командири. Од воздух делува еден армиски хеликоптер Ми-17 и трите „ер-трактори“ на Дирекцијата за заштита и спасување.

– Републиката е повторно во пламен. Ние сме подготвени за борба! Носете со себе: чизми, маски за лице и капа, долги пантолони (не памучни), шишиња со вода, лопати и гребла, мокри ќебиња за безбедност. Македонијо, први да те браниме – стои во повикот на Комити кои повикуваат нивниот пример да го следат и други навивачки групи и граѓани. 

Отец Оливер Петровски од Хуманитарната организација „Свети Спас“ од скопско Драчево се вклучи со редовна достава на вода секаде каде има пожари.

– Нашата организација се вклучува со редовна достава на вода на ниво на Македонија каде што има пожари. За почеток, набавени се две палети флаширана вода која ќе биде доставен во Пехчево во најбрз можен рок. Апелираме до сите кои можат да помогнат, да донесат вода во нашата црква, но и да се вклучат во гаснењето на пожарите кои ја зафатија нашата татковина – вели отец Оливер.

И Општина Кисела Вода испрати хуманитарна помош за регионите погодени со пожарите. Беше испратено комбе со помош која содржи вода за пиење, сокови, напивки, конзервирана храна и други намирници кои му се потребни на населението во тие области.

– Во моменти на криза, солидарноста и заедништвото се од клучно значење. Општина Кисела Вода ја изразува својата поддршка и солидарност со сите погодени од пожарите. Се надеваме дека оваа криза ќе заврши брзо и со што помала материјална штета. Ваквите тешки моменти нè потсетуваат на важноста од помагање едни на други и затоа ги повикувам и другите општини да испратат помош во погодените подрачја. Заедно, со единство и солидарност, можеме да ги надминеме сите предизвици – изјави градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.

Помош доаѓа и од надвор. Обезбедена е нова меѓународна помош преку ЕУ механизмот на цивилна заштита, за справување со пожарите кои беснеат на територијата на Македонија. Хеликоптер од Србија се вклучи во гаснење на пожарот околу манасторот „Прохор Пчињски“. Од Чешка беше најавен хеликоптерот (Црн јастреб) со капацитет на ведро од 3 тона, а Германија најави испраќање на два „ер трактори“ (АТ802/2).

Освен топлото време, за големиот број пожари се посочува дека причина се човечкиот фактор. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски истакна дека ќе бидат превземени жестоки мерки за секој кој подметнува пожари.

– Во овие тешки моменти кога се соочуваме со катастрофални пожари, уште еднаш апелирам до сите граѓани да постапуваат совесно и одговорно, да избегнуваат активности кои можат да предизвикаат пожари и да пријавуваат сомнителни активности. Воедно, сакам да потенцирам дека МВР ќе преземе жестоки мерки кон секој кој намерно предизвикува пожари и ја загрозува безбедноста и животите на нашите граѓани – напиша министерот на фејсбук.

За жал, жешко, тешко и хаотично е во целиот регион на Балканот. Експлодираа мински полиња во Бугарија, Албанија исто како и Македонија е во пламен, Хрватска гори, а Грција се подготвува за најлошото.

(С.Бл.)