Ренџерите имаа обука за спасување од лавини

79

Ренџерите од Националниот парк „Шар Планина“ деновиве минаа низ обука за спасување од лавини. Целта е да се стекнат со знаење и вештини за личната безбедност и за безбедноста на посетителите.

– Станува збор за идентификување на области склони кон лавина, употреба на специјализирана опрема, извршување операции за спасување. Оваа клучна обука осигурува дека ренџерите се подготвени да реагираат брзо и ефикасно во итни случаи – соопштија од НП „Шар Планина“, од каде што нагласуваат дека безбедноста е секогаш приоритет, без разлика дали ги истражувате недопрените предели или едноставно уживате во живописната природа.

Обуката ја водеше вработен од НП „Шар Планина“ кој веќе има поминато ваква обука. Тој ги обучуваше своите колеги како да ја користат опремата што е набавена минатата година, како да прават лавински профили, стабилност на снежната покривка, да откопуваат затрупани лица во лавина.

Најголемата снежна лавина во Македонија се случила ноќта меѓу 10 и 11 февруари 1956, по долината на Радика, во околината на селата Рибница, Торбешки Мост и Стрезимир. Огромната лавина почнала од планината Кораб и се урнала врз куќите и врз бараките во кои биле сместени градителите на мавровскиот хидроенергетски систем. Во лавината биле затрупани стотина луѓе, а спасувачките екипи успеале да извлечат само половина од нив, додека 52 лица загинале.

Од НП „Шар Планина“ препорачуваат граѓаните секогаш да бидат информирани, да ги проверуваат прогнозите за лавина и секогаш да носат заштитна опрема (светилки, сонди и лопати).

ИЗДВОЕНИ