Загрижувачката состојба, којашто се актуализира завчера, продолжува и денеска кога граѓаните кои имаа потреба и вчера не можеа да добијат термини за снимање ниту по пат на приоритетни упати. Ова ни го потврдија и од поликлиниката „Железничар“, лоцирана во центарот на градот. Од Здравствен дом Скопје вчера ни изјавија дека граѓаните сепак можеле да се снимаат.
Пациенти од Скопје не можат да добијат термин за рендген снимања на сите скопски поликлиники, но и во други болнички институции во македонската метропола. Загрижувачката состојба, којашто се актуализираше завчера продолжува и денеска кога граѓаните кои имаа потреба и вчера не можеа да добијат термини за снимање ниту по пат на приоритетни упати. Ова ни го потврдија и од поликлиниката „Железничар“ лоцирана во центарот на градот.
-Како и вчера, така и денеска не можеме да издадеме приоритетен упат за рендген снимање на некој пациент. Системот не ни ја дава таквата можност и едноставно не можеме да ги услужиме пациентите кои имаат потреба, ни изјавија во оваа здравствена институција.
За овој проблем завчера попладне алармира семејниот лекар Драган Ѓорѓиевски од скопската општина Аеродром откако и тој се соочил со неможност да изврши упатување за снимање на рендген на пациент, и покрај тоа што ги проверил сите скопски државни поликлиники. Тој на „Фејсбук“ вели дека во сезона на грип, бронхитис и пневмонија, поради немање термини или нефункционална апаратура, на државно не бил во состојба да најде поликлиника за да направи рендген иследување и покрај тоа што пациентот имал влошена лабораторија и клиничка слика.
-Една констатација за денешниот работен ден. Преполни амбуланти со пациенти болни од грип, а богами и со бактерии, бронхитис и пневмонии. И гледај, имаш наод на слушалка, имаш влошена лабораторија за клиничка слика и нели по правилници за пневмонија и за боледување е потребно рендген наод. И почнувам од најблиската поликлиника „Јане Сандански“ (рендген апаратот не работел). Клиника за радиологија ги блокирала итните упати. Инаку пневмонии и плеврални изливи се итни состојби. ГОБ „8 Септември“ исто. Ги проверив сите поликлиники, Идадија, Букурешт, Чаир, Битпазар и итен упат не дозволи. Единствено даде во Ѓорче Петров и гледај чудо, не работеле со итни упати, имале гужва. Епа и матичните имаат гужва. Јас денеска 90 луѓе прегледав во една смена и никој не ме праша дали сум имал гужва. Епа нека ми објасни некој каде во градот Скопје на државно да се направи рендген наод? Во сезона на грип и едно чудо пневмонии сите до една поликлиники низ градот блокирани, мислам крајно некоректно. Што ни останува на сите со наоди, да ги пратиме на Инфективна клиника и нека се создаваат колони дури и тие не ги блокираат упатите?“, напиша во објавата овој доктор.
Ваквата состојба предизвика и бројни реакции на граѓаните на социјалните мрежи.
-Не знам дали сфаќа народот колку е ова сериозно. Не одиме повеќе на работ на колапс, колабира здравството во секој сегмент и тоне, тоне…, беше коментар на една скопјанка.
Од Здравствен дом Скопје вчера ни изјавија дека граѓаните сепак можеле да се снимаат.
-Неколку дена не работи РТГ-апаратот во поликлиниката „Јане Сандански“ поради дефект, додека во другите поликлиники во градот Скопје работат РТГ-апаратите во две смени и пациентите можат слободно да се упатат и да се снимаат на тие апарати. Дефектот е пријавен во надлежен сервис и се работи на отклонување на дефектот.
Министерот за здравство Арбен Таравари вчера, пак, изјави дека нема информација дека некој од рентген апаратите низ здравствените институции не работи.
– Имав состанок со екипата од „Мој термин“ со цел како да подобриме, да има се повеќе термини низ нашите болници посебно во периферија, меѓутоа и на клиниките. Јас колку што знам, немам информација дека некој од рентген апаратите не работи, повеќето функционираат. Скоро и да нема болница низ државата каде што нема рентген. Се согласувам со тоа дека повеќето пациенти, тие што треба и не треба, се испраќаат на Клиниката за педијатрија. Децентрализацијата што веќе го промовираме во јавниот здравствен систем е во тој правец. Значи, повеќето пациенти кои може да се третираат во внатрешноста на државата се третираат таму, нагласи Таравари при вчерашното промовирање на апаратура во Детската клиника.
Проблемот со добивањето на термини за најразлични снимања на пациенти трае веќе со години и никако да се реши. Оние пациенти кои имаат потреба се принудени да чекаат и подолго од еден месец или, пак, да одат во приватни ординации каде што за снимките треба да платат по неколку илјади денари. (Б.Ѓ.)