Реквизитите на забавниот парк не се отстранети

395

Забавниот парк со повеќе реквизити сè уште е пред СЦ „Борис Трајковски“. Деновиве тој работел, со што се доведува во прашање безбедноста на сите оние што ги користат реквизитите.

Од Државниот пазарен инспекторат велат дека било преземено сè од нивна страна, но, секако, ќе иницираат уште една  координирана акција со надлежните институции, на самото место, за да се види што се случува навистина таму.

Од Општина Карпош повторија дека во ниту еден момент немаат издадено дозвола за работа на забавниот парк во близина на спортската сала „Борис Трајковски“.

– Општинските инспекциски служби излегоа на терен и извршија увид, но постапките за уривање на објектот се многу долги, затоа што треба да се донесат повеќе правни акти, за кои, за сите тие правни акти, тој има право на жалба и треба временски период од 2 до 3 месеци за тоа. Постојат надлежни институции на државата, кои наместо да се прават наудрени, треба да реагираат брзо, согласно со своите надлежности – потенцираат од Општина Карпош. 

Од локалната самоуправа потенцираат дека „ова дивеење и беззаконие на сопственикот на луна паркот“ му го овозможуваат претставниците на надлежните владини институции.

– Истиот не поседува одобрение за работа ниту пак ги има потребните безбедносни сертификати со што не ги исполнува законските услови за да ја врши оваа дејност. Тоа значи дека безбедноста на граѓаните, а особено на младите лица е загрозена и можни се животозагрозувачки последици – нагласуваат од општината.

Оттаму апелираат до граѓаните, а особено до младите, да не го користат услугите на овој луна парк затоа што го доведуваат во опасност својот живот.

– Евентуалните последици заради непочитување на законските прописи и овој наш апел ќе ги сносат корисниците на услугите и неодговорниот сопственик на реквизитите – велат од Карпош.

При тоа, додаваат дека пазарната инспекција и УЈП можат да го затворат, бидејќи врши дејност без потребни документи и е несфатливо како функционира без потребната документација.

На 20 мај годинава, Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје, во координација со службени лица од Државниот пазарен инспекторат, Управата за јавни приходи и градежен инспектор од Општина Карпош, излезе на самото место и констатираше неправилности. Потоа, како што беше речено, ќе бидат преземени конкретни мерки, односно отстранување на реквизитите, како и прекинување со вршење на активноста. Но, нема ништо од тоа.

(А.П.)