Во рамки на урбаниот дел на Општина Ѓорче Петров, завршени се градежни активности за комплетна реконструкција на дел од најстарите и најоштетени улици во населба Дексион. Се работи за улици кои повеќе од пет децении немале ниту еден обемен зафат на санација.
Во текот на изминатиот период, во оваа населба се реконструирани улиците: „ Црногорска 2“ – во должина од 600 метри и површина од 2.000 квадратни метри, „Љубин“ – во должина од 150 метри и површина од 900 квадратни метри, „Александар Македонски“ – во должина од 200 метри и површина од 1.000 квадратни метри, како и улицата „ Андреј Зограф“ – во должина од 160 метри и површина од 1.100 квадратни метри.
-Со тоа, вкупно се асфалтирани 1.110 метри и над 5.000 квадратни метри површина, со вкупна инвестиција од 4.900.000 денари.
Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, истакна дека реконструкцијата на овие улици претставува исполнување на едно од главните барања на жителите на населбата Дексион и уште еден конкретен чекор во реализацијата на програмата за подобрување на локалната инфраструктура.
-Вложуваме во рамномерен развој на општината, со посебен фокус на деловите кои со години биле заборавени. Реконструкцијата на овие улици не е само инфраструктурен зафат, туку враќање на достоинството на оваа заедница – изјави Стојкоски.
Општина Ѓорче Петров продолжува со континуирани инвестиции во уредување на уличната мрежа, со цел создавање на модерни, функционални и безбедни услови за живот и движење.