Општина Ѓорче Петров започна со амбициозна реконструкција на 13 краци на улицата „Алексо Демниевски“, во рамки на градежната офанзива која целосно ќе ја трансформира оваа населба. Ова е прв пат да се изведе ваква обемна интервенција на оваа локација, со вкупна должина од 3.000 метри и површина од 11.350 квадратни метри.
-Инвестицијата, вредна 15.000.000 денари, ќе овозможи современи услови за жителите на урбаната заедница „Мирче Ацев“, особено во познатото Диво Маало, кое децении беше симбол на запоставеност. Новиот асфалт, подобрената инфраструктура и модерните решенија ќе ги зголемат удобноста и безбедноста на локалните жители – информираат од Општина Ѓорче Петров.
Градоначалникот, Александар Стојкоски истакна дека оваа инвестиција е дел од визијата за модерен и функционален Ѓорче Петров.
-Со реконструкцијата на Алексо Демниевски, сакаме да ги подобриме условите за живеење на нашите граѓани и да им покажеме дека нивните населби се наш приоритет. Ова е само еден чекор од многуте што ги планираме . Нашата цел е целата општина да стане поповолна, поубава и попријатна за живеење – изјави Стојкоски.
Очекувањата се дека проектот ќе биде завршен во наредните месеци.