Реконструкција на водоводната мрежа на улицата „Скупи 3“

7

Град Скопје започна со реализација на уште еден проект за реконструкција на водоводната мрежа  на улицата „Скупи 3“ во општина Карпош, кој е од големо значење за граѓаните за трајно решавање на повеќедеценискиот проблем со водоснабдувањето на жителите во населеното место Злокуќани.

-Со градежните работи на реконструкцијата на водоводната мрежа на улицата „Скупи 3“, целосно се менуваат старите цолови цевки, кои се со незадоволителен профил и се поставува нова водоводна мрежа со профили кои соодветствуваат на потребите на локалните жители – објаснуваат градските власти.

Тие додаваат дека по инсталирањето на новата водоводна мрежа, таа ќе се поврзе со постоечката главна мрежа на магистралната улица „Скупи“.

-На новата мрежа ќе се поврзат и постоечките корисници, со што несоодветната мрежа ќе биде напуштена – потенцираат од Град Скопје.

Оттаму нагласуваат дека изведбата на овој проект преставува реализација на дел од програмата за обновување на градската водоводна мрежа и со него се овозможува квалитетно водоснабдување во децениски заборавените населени места, што претставуваше и долгогодишно барање на жителите од тој дел на градот.