Во рамките на проектот за подобрување на патната инфраструктура, изградба, реконструкција, рехабилитација и санација на локалните улици и патишта, започнаа градежните активности на улицата „11“ во стопанскиот комплекс Илинден.
Со градежните работи, планирано е да се изврши целосна реконструкција на улицата во должина од околу 600 метри. Оваа улица е од големо значење, бидејќи претставува главна сообраќајна конекција во индустриската зона, каде што гравитираат голем дел од компаниите. Во текот на реализацијата на градежните работи, на улицата ќе биде воспоставен времен режим на сообраќај.
Увид во градежните работи изврши градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, кој се запозна со динамиката и со текот на одвивање на активностите, при што посочи дека реконструкцијата на оваа улица значително ќе ја подобри функционалноста во работењето на стопанските субјекти од локалната економска зона. Целосната инвестиција за реализација на овој проект е со средства од буџетот на Општина Илинден.