Љ.М.(19) од Загреб, облечен во темна облека, со качулка на главата и нож во рака, вчера околу 10.00 часот влегол во основното училиште „Пречко“. Станува збор за поранешен ученик од тоа училиште, очигледно во видно расеана состојба, тешко повредил наставничка (62) и четири деца со повеќе убодни рани, од кои, за жал, седумгодишно момче, прваче, од здобиените повреди веднаш починало.
Останатите повредени се згрижени во три загрепски болници, а некои од нив подлежат и на операција.
Откако под сѐ уште неразјаснети околности го извршил својот крвав пир во училишниот хол, во таканаречениот блок Б, во моментот кога учениците по појадокот се враќале во училниците, Л.М., решил да го напушти училиштето. Прво се обидел да избега преку страничен излез со жолти шипки, но бил заклучен.
На крајот успеал да побегне кон блискиот Здравствен дом каде се заклучил во тоалетот и се обидел да се самоубие. Полицијата на клупа на околу 200 метри од училиштето пронашла фрлена фантомка со натпис „blessed“ (благословен). Во меѓувреме децата и училишниот персонал панично почнале да бегаат од училиштето, а на местото на злосторството пристигнале амбулантни возила, полиција и хеликоптер.
Се уште не е јасен мотивот за трагедијата, тој бил ментално болен
Мотивот за овој невиден настан се уште се истражува, но според неофицијални информации од истрагата, можеби нема вистински мотив – се работи за целосно ирационален чин поттикнат од тешко ментално растројство.
Наводно, Љ.М., не е гонет ниту кривично ниту прекршочно, но неговата мајка за порталот 24сата изјавила дека има сериозни психички проблеми. Неговите коментари можат да се најдат на Интернет, вклучувајќи го и оној на огласот за продажба на ловечки нож, каде напишал дека „тој нож е тап“.
Мајката на осомничениот млад човек откри дека неговиот татко го однел во дневната болница во петокот наутро, во девет часот, бидејќи претходно бил лекуван во психијатриска болница. Како што изјавила, Л.М има дијагноза на емоционално нестабилна личност и уште две психијатриски нарушувања.
– Го молев докторот да не го пушта надвор бидејќи не е способен да биде надвор. Пред месец и половина ме затвори мене и мајка ми во станот, ни ги одзеде телефоните и клучевите и пак заврши во Јанкомир. Иако го молев докторот да не го пушти, тој ладнокрвно го пушти, па ноќе спиевме во страв. Направивме се што можевме за да му помогнеме на тоа дете. Очигледно ја напуштил дневната болница, зел нож и направил што направил. Но, не знам зошто. Тој отиде во тоа училиште пред пет години. Слушнав дека и самиот се избодел – изјавила за 24сата мајката на осомничениот.
Шок, паника и болка
Областа околу училиштето стана сцена на хорор. Родителите и персоналот во целосен шок ја следеа евакуацијата и качувањето на повредените во хеликоптерот на брзата помош. Една мајка која дошла да си ги земе децата рече:
– Ужас, дојдов да ги земам децата, велат дека сѐ е полно со крв – рече една мајка која водеше две деца за рака од училиште.
Марко Сикирица од Советот на родители, чие дете одело на настава со убиеното момче и било сведок на нападот, вели дека веднаш истрчал во училиштето да си го најде детето.
– Нема да кажам што виде моето дете. Кога влегов внатре, имаше крв насекаде. Го барав детето половина час, бев избезумен. Само прашав: „Дали моето дете е живо, рането или мртво? Не сакаа да ми дадат информации – рече видно потресен Сикирица.
Тој додаде дека премиерот и сите министри треба да одговараат за трагедијата.
– Ова е катастрофа. Што друго треба да се случи? Некој да влезе во градинка? Пред година и пол имаше напад во Белград. Хрватска не презеде ништо. Работам на системи за техничка заштита 18 години, ништо не е направено во училиштата. Кога одам на училиште, дури и не морам никому ништо да кажам бидејќи нема никој наоколу – вели тој.
Во еден момент, совладан од болка, пред очите на насобраните новинари клоцнал пластична корпа за отпадоци.
„Учителката се бореше да ги одбрани децата“
Една мајка изјавила за Јутарњи лист дека нејзиното дете и се јавило од училиште, врескајќи дека „манијак ја избодел наставничката која се борела да ги одбрани децата“.
– Детето ми се јави од училиште буквално врескајќи дека некој манијак на училиште избодел наставник кој се борел со него за да одбрани други деца. Само се прашувам каде оди овој свет. Нашите деца ги копираат светските злосторства, а никој не се занимава со нив. Институциите се тука да помогнат, а не да ја вртат главата од проблемот – вели оваа мајка.
Таа проговори и за родителите на повреденото момче.
„Како да продолжат родителите на убиеното момче? Само замислете ја нивната болка и страдање низ кои минуваат токму сега. Па, животот им заврши“, вели потресената мајка.
Еден од вработените во училиштето накратко рекол дека наставничката буквално се степала со напаѓачот за да му го исфрли ножот од рака.
Реакцијата на надлежните
Министерот за внатрешни работи, Давор Божиновиќ, изјави дека осомничениот бил ученик во тоа училиште и живее во негова близина.
– Сè уште се утврдуваат околностите и динамиката. Од првата пријава полицијата го совладала за десетина минути. Тој почнал да си нанесува повреди, исто така со нож. Се сокрил во блиските простории на Здравствениот дом. Полицијата го спречила да се самоубие – вели тој.
Тој додаде дека осомничениот бил регистриран поради психички проблеми и се обидел да се самоубие пред една година.
– Лицето е пријавено за психички нарушувања, пред околу една година и за обид за самоубиство. Тешко е да се каже дека е психички стабилна личност, со оглед на тоа што и сега се обиде да си го одземе животот. Нападот не се случил во една училница, туку најголемиот дел се случил во ходникот. Мора да почекаме да се утврдат сите факти. Нашите мисли се со семејствата на жртвите и повредените – рече министерот Божиновиќ.
Напаѓачот одел на училиште
На прес-конференцијата вицепремиерот на Република Хрватска и министер за внатрешни работи изјавија дека напаѓачот е регистриран како лице со ментални нарушувања.
Мајката на напаѓачот за хрватските медиуми изјавила дека тој долго време имал психички проблеми и дека како семејство ги молеле надлежните лекари да не го пуштаат од болница, бидејќи се плашеле од него.
Родителите на децата кои оделе во училиштето каде се случил крвавиот пир изјавиле дека за време на нападот настанал вистински хаос и паника меѓу децата, а кога слушнале што се случило почнале да плачат.