Изминатиот период, локалниот уметник, пензиониран наставник по ликовно образование, Борис Качулачки, изврши реконструкција и заштита на спомен-обележјата на територијата на Општина Берово.
Извршена е санација на спомен-обележјата на: Атанас Раздолов, Никола Петров Русински, Чедомир Димитриев, Панте Радински, Леонид Пецовски,Никола Малешевски, Димитар Поп Ѓеоргиев Беровски, сите во Берово. Потоа, спомен обележјата и на Јован Козовски во село Будинарци, Ефтим Папалиски во село Ратево и на Ефтим Крстовски во село Ратево.
-Сите споменици и спомен-обележја, на личности кои дале придонес во борбата за ослободувањето на нашата држава и учествувале во настаните од минатото, претставуваат сведоштво за непокор во борбата за слобода и затоа е многу важно да бидат заштитени и зачувани – соопштија од Општина Берово.
Во знак на придонес, во зачувувањето на културното наследство на Општина Берово на наставникот Борис Качулачки, на 23 август, Денот на Општина Берово, локалната самоуправа му додели благодарница.
Реконструкцијата е поддржана со Одлука од Советот на општина Берово и за истата од буџетот на Општина Берово за 2024 година, исплатени се 20.000 денари.