Во населбата Цветан Димов, на улица „Марко Цепенков“, број 4, влез 1, успешно е завршена првата реконструкција на фасада на станбена зграда со финансиска поддршка од Општина Кисела Вода.
Од локалната самоуправа информираат дека се работи за жители на општината кои успешно аплицирале на јавниот повик за набавка на термоизолациони материјали за реконструкција на фасади на станбени згради за колективно домување на територија на оваа општина.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски истакна дека станарите преку овој проект добиле значително подобрување на условите за домување и зголемена енергетска ефикасност.
– Оваа иницијатива е дел од нашата посветеност кон подобрување на животниот стандард на граѓаните и унапредување на енергетската ефикасност во колективното домување. Свесни сме дека добрата термоизолација не само што ги намалува трошоците за енергија, туку и значително придонесува за поквалитетен живот на станарите. Овој проект е само почеток, а нашата намера е да продолжиме со поддршка за што повеќе згради во иднина. Ги охрабрувам сите заедници на сопственици и управители на згради да аплицираат на ваквите повици и да ја искористат можноста за подобрување на своите домови – изјави Ѓорѓиевски.
Финансиските средства за овој проект во висина од 277.612,00 денари беа обезбедени од Буџетот на Општина Кисела Вода.
Според условите на јавниот повик, за оваа субвенција можеа да аплицираат заедници на сопственици или управители на станбени згради изградени пред 2010 година.