Реконструиран регионалниот пат на еден од влезовите во Велес

63

Заврши асфалтирањето на улицата што е дел од регионален пат на влезот во Велес, на потегот од кружниот тек кај мостот „Гемиџии” до бензинската пумпа „Лукоил“, во должина од 550 метри.

Претходно, целосно беше изгребен и отстранет стариот асфалт, информира градоначалникот Марко Колев. За оваа и за претходно реконструираните две делници од регионалниот пат на друг влез во Велес, Јавното претпријатие за државни патишта обезбеди околу 44 милиони денари.

Со овие средства, во текот на октомври беше целосно асфалтирана првата делница од регионален пат на влезот во Велес, од мостот кај Башино Село до вулканизерот „Дине“ и втората – од оваа локација во близина на хотелот „Гарденија“, а двете во должина од 2.100 метри, односно заедно со оваа трета делница –во вкупна должина од 2.650 метри.