За да не ни се случуваат поединечни инциденти како оној со загадувањето на Крива Река, треба што поскоро да се донесе новиот закон за води, кој се подготвува веќе четири години и кој не е влезен во Собраниeто. На тој начин ќе може да се применат и европските правила за грижа за реките, а воедно да се надминат и проблемите со малите хидроцентрали. Ова го истакна Ѓорѓи Митрески, координатор на програмата за заштита на водите од „Екосвест“ пред одржувањето на Третата меѓународна конференција за заштита на реките на Југоисточна Европа, која е во организација на меѓународната организација „The Nature Conservancy“ и на „Екосвест“, а во рамките на регионалната иницијатива „Заедно за реките“.

Тој смета дека е потребно еден државен орган да зема примероци и да прави лабораториски анализи на водата од реките, притоа истакнувајќи дека јавноста не знаела на кои податоци и анализи од четири државни институции да им верува за инцидентот со загадувањето на Крива Река.

– Треба да има еден државен орган и тој орган треба да има капацитет. Во моментов, во државата има само двајца водостопански инспектори – тоа е далеку од доволно. Ние активно работевме со Државниот инспекторат за животна средина во државата. Два пати организиравме обука на инспекторите во доменот на мерење на еколошкиот проток на водите, со цел да ги помогнеме и да ги поддржиме капацитетите на Инспекторатот во мониторингот на малите хидроцентрали, кои, исто така, претставуваат еден голем проблем во нашата држава – рече Митрески.

Тој истакна дека од „Екосвест“ се залагаат за силна инспекциска контрола во работењето на сите чинители за заштита на реката за да нема одделни инциденти.

Треба да се работи на промена на политиките, на засилување на инспекцискиот надзор и воведување на европските начини на управување со реките – посочи тој.

Митрески потсети дека е во завршна фаза спроведувањето на иницијативата што ја поднесе „Екосвест“ за прогласување  заштитено подрачје во Општина Демир Капија, со цел заштита на долниот тек на Вардар, дел од Демиркаписката Клисура и пет планински притоки.

– Прогласувањето и изработката на студија за Вардар кај Демир Капија Министерството за животна средина ги стави во годишната програма. Во моментот се изработува валоризација на вредностите на идното заштитено подрачје. Студијата треба да биде готова во септември годинава. Општината ќе ја поднесе во Министерството, а потоа ќе следуваат законски јавни консултации и изработка на план за управување. Надежта е од следната година тоа да биде веќе заштитено подрачје. За изработка на студијата, ќе бидат консултирани експерти, биолози од сите таксономски групи, од ихтиофармата – рибите, хепариската вегетација, цицачите, лилјаците и сите таксономски групи што се присутни на подрачјето, хидролошки истражувања, геоморфолошки, карстни истражувања… Врз основа на податоците ќе се „зонира“ подрачјето – рече Митрески.

„Екосвест“ е дел од работната група што веќе четири години работи на новиот закон за води.

– Заштитата на реките и кај нас треба да се спроведува според еден водечки документ за заштита на водите, а тоа е Рамковната директива за води на ЕУ. Актуелниот Закон за води не ги транспонира тие директиви. Новиот закон ги опфаќа, како еколошки проток на водите и поголемо учество на граѓаните. Очекуваме новото законско решение што побрзо да се најде во Собранието – рече Митрески.

Работа за водостопанските инспектори има многу, со оглед на тоа што речните водотеци се под силна и континуирана загрозеност и од индустријата и од домаќинствата. Освен распоред за редовни контролни инспекции, инспекторите имаат и вонредни увиди – минимум педесет во една година.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ