Регионалниот пат кон Галичник недостапен од првиот планински снег – неизвесна пристапноста и за новогодишните празници

21

Регионалниот пат што води до селото Галичник не е прооден и по речиси еден месец од паѓањето на снегот во планинските подрачја. Чистењето на патот може да биде оневозможено доколку се остварат најавите за нови врнежи и зголемување снежната покривка.

-Како МЗ Галичник, укажуваме дека во минатото патот се чистел само со булдожер гасеничар и секој друг обид е залудно трошење време. Тројцата постојани жители на Галичник остануваат отсечени четврта недела по ред и апелираме за што побрза достапност до Галичник.

Проблемот со електричната енергија и уличното осветлување во меѓувреме е решен, но патот Маврово-Галичник сè уште е непрооден. Сакаме да повториме дека според активните сообраќајни законски норми станува збор за регионален пат кој мора да биде постојано прооден. Во Галичник има 230 куќи, а дел од нивните сопственици за новогодишните празници планираат да ги поминат во Галичник – велат од МЗ Галичник.