Референдум за доверба во градоначалниците ќе се распишува ако тоа го побараат 20 отсто од запишаните избирачи

55

Организирањето на референдум за доверба во општинските градоначалници ќе стане задолжително ако тоа го побараат најмалку 20 проценти од запишаните избирачи во одредени општини. Ова го предвидуваат предложените измени во Законот за локална самоуправа, чијашто содржина денеска ја објави Министерството за локална самоуправа. На интернет-страницата ener.gov.mk, кој што е електронски национален регистер на прописи во Македонија, се наведени бројните измени во повеќето законски одредби. Предложените измени се објавени како дел од јавната расправа по нив, а по што ќе се дефинираат конкретните промени кои потоа ќе одат во процедура на собраниско усвојување.

Една од најголемите новини во предложените измени е можноста за отповикување на градоначалниците ако граѓаните се незадоволни од нивното работење. Во постојниот Закон по членот 54 се додава член 54а, кој се однесува на „Покренување на прашање за доверба на градоначалникот“.

-Граѓаните преку референдум можат да покренат прашање за доверба на градоначалникот. Прашање за доверба на градоначалникот може да се покрене еднаш во мандатот на градоначалникот, но не во првата година и во последната година од мандатот. Советот на општината е должен да распише референдум за прашање за доверба на градоначалникот на барање од најмалку 20 отсто од избирачите во општината – се наведува во првите три става во новопредложениот член.

Потоа се наведува дека одлуката за недоверба на градоначалникот е донесена ако за неа гласале мнозинство од вкупниот број граѓани кои гласале, доколку гласале повеќе од една третина од вкупниот број на граѓани, запишани во изводот од Избирачкиот список за соодветната општина, каде што се спроведува референдумот.

– Претседателот на советот, во рок од 15 дена од денот на донесување на одлуката е должен за одлуката да го извести министерството надлежно за работите што се однесуваат на локалната самоуправа. Министерството надлежно за вршење на работите што се однесуваат на локалната самоуправа, во рок од 15 дена од денот на приемот на известувањето за донесената одлука ја известува Владата на Република Северна Македонија, која во рок од 30 дена од денот на приемот на известувањето констатира дека е изгласана недоверба на градоначалникот и покренува постапка за распишување нови избори за градоначалник, во согласност со закон – се наведува во предлогот.

Меѓу предлозите е и воведување на комунална редарска служба во согласност со закон, а којашто ќе се грижи за комуналниот ред.

Новина е и тоа што сега Владата со одлука, на предлог на министерството надлежно за вршење на работите што се однесуваат на локалната самоуправа, за секоја општина го утврдува бројот на членовите на советот, врз основа на официјалните податоци за бројот на населението по општини од последниот извршен попис на населението.

Се планира и јавност во објавувањето на одлуките на Општината.

-Информациите за седниците и работата на советот на општината се објавуваат на веб-страницата на општината или на други дигитални канали за јавна комуникација и информирање. Општините ги објавуваат записниците од јавните седници на советот на веб-страницата на општината или на други дигитални канали за јавна комуникација и информирање – се наведува во предложените измени. (Б.Ѓ.)

 

ИЗДВОЕНИ