Редуцирани автобуси, дел од приватните превозници не возат

45

Од денеска автобускиот градски превоз во Скопје е редуциран. Дел од приватните автобуси сообраќаат само наутро, од пет часот. Еден автобус вози само една тура, на една линија. Тоа се автобусите со број 45, 23, 63, 73, 61, 63, 22, 52, 54, 19 и 20. Потоа, автобусите ќе останат во гаража, а возачите ќе им се приклучат на колегите кои нема да возат.

Јавниот превоз организиран од страна на „Вестор транс“ денеска, пак, продолжува да функционира непречено и согласно со возниот ред. Тоа се автобусите со број  9, 11, 11а, 12, 47 и 55. 

Дел од приватните превозниците најавуваат дека денеска ќе имаат средба со директорот на ЈСП „Скопје“ Драги Кушовски и со секретарот на Град Скопје. Средбата, како што најавуваат, треба да се одржи во просториите на ЈСП „Скопје“ во Автокоманда.

Приватните превозници бараат да им биде исплатен долгот и да се зголеми цената која, како што посочуваат, е од пред осум години, поточно од 2017 година. Од друга страна, на Јавното сообраќајно претпријатие му недостигаат автобуси за да го покрие зимскиот возен ред, кој почнува од денеска.

Директорот на jавното сообраќајно претпријатие „Скопје“, Драги Кушовски рече дека немаат доволен број на автобуси за да го пополнат летниот возен ред, а камоли зимскиот, и ги повика институциите да излезат во пресрет за обнова на возниот парк на ЈСП.

Со цел да се надминат проблемите,  на 22 август беше одржана средба на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска и претставници на советничките групи во Советот на Град Скопје по што беше договорено советниците да поддржат пренамена на средства за репарирање на 30 автобуси на ЈСП.

На 29 август, на седницата на Советот на Град Скопје не добија поддршка проектите за набавка на нови автобуси и Брз автобуски превоз по што градоначалничката на Град Скопје испрати отворено писмо до Владата во кое ја повика Владата да ја спроведе набавката на новите авотбуси, а доколку немаат средства за таа намена, со одлука на Советот на Град Скопје, ќе ги префрлат потребните средства за набавката.