Ред е на македонската економија да ги искористи придобивките на НАТО-пазарот

164

Македонската Армија гради капацитети со кои ја гарантира националната безбедност, но и придонесува за колективната безбедност на Алијансата. Сега е редот и македонската економија да ја искористи шансата за приклучување на НАТО-пазарот, изјави министерката за одбрана, Славјанка Петровска, во своето обраќање на настанот „НАТО – индустриски ден“, кој се одржа во организација на Министерството за одбрана, заедно со НАТО агенцијата за поддршка и набавки и НАТО агенцијата за комуникации.

Петровска рече дека многу често кога се зборува за членството во Алијансата, се зборува за инвестиции што се прават во одбранбените капацитети, опремувањето, модернизацијата, исполнувањето на НАТО целите на способност, а дека многу поретко зборуваме за другите придобивки, кои се подеднакво важни.

– Членството во НАТО има и друга димензија, а тоа е можноста македонските компании рамноправно да се натпреваруваат со сите други компании во земјите членки во нудењето производи и услуги за потребите на Алијансата. Станува збор за значаен пазар од околу 5 милијарди евра на годишно ниво, кој не смееме да го пропуштиме – изјави Петровска на настанот на кој компаниите можеа подетално да се запознаат со постапките и со процедурите за настап на НАТО-пазарот, кој во моментов изнесува над 10 милијарди евра на годишно ниво.

Петровска порача дека мораме да бидеме амбициозни, да се натпреваруваме со квалитетот и со капацитетите и да докажеме дека македонските компании, технолошки и развојно, може да одговорат на барањата и да бидат конкурентни со компаниите во сојузничките земји. Таа истакна дека секоја година се зголемува бројот на компании што се впишуваат во регистарот на економски оператори во НАТО, но дека сè уште има непополнет простор.

– Следниот наш заеднички предизвик е зголемено учество на НАТО-пазарот. Свесни дека секој почеток е тежок, Министерството за одбрана е партнер што е подготвен да им помогне на компаниите пристапот до овој пазар да биде поедноставен, но и поефикасен и поуспешен. Токму затоа го организиравме и денешниот настан, каде што ќе имате можност детално да се информирате за процедурите, за пристапот до НАТО-пазарот – изјави Петровска.

Македонската министерка за одбрана им се заблагодарам на тимовите од НАТО-агенциите предводени од генералната менаџерка на НАТО агенцијата за поддршка и набавки, Стејси Камингс, и од шефицата за набавки во НАТО агенцијата за комуникации и информации, Џенифер Аптон, кои допатуваа во Скопје, дополнувајќи дека тие се подготвени да им помогнат на македонските компании да бидат дел од овие набавки.